Ексклузивно ♦ Ја возевме Opel Corsa, наредна генерација

Ја возевме Opel Corsa, наредна генерација

Претпродукциската верзија ни покажа дека новата Opel Corsa полека но сигурно почнува течно да зборува француски

објавено на 22 мај 2019 година
автор: Крумислав Барзов

Помина неполн месец и ние повторно се наоѓаме во друштво на шестата генерација на Opel Corsa, која знаеме како изгледа но не смееме да ви ја покажеме – бевме повикани да ги почувствуваме динамичките својства која таа ги нуди. Поставена е на основа на Peugeot 208, а Германците добија автономија што се однесува до дизајнот, но и до некои технички детали кои би требале да бидат задржани во име на имиџот на германската марка. Opel Corsa во финалната верзија ќе ја возиме дури за еден ипол месец, а дотогаш да видиме што може да се очекува кога таа ќе дојде на пазарот.


Шестата генерација на Corsa треба да го измени воопшто имиџот на Opel во Б-сегментот

Opel досега беше познат по германскиот приод на правење на автомобилите. Тоа значи дека тие имаа одредена крутост и цврстина во управувањето и сите механички склопови, но и во филингот што го има возачот зад управувачот. Со прототипот на шестата генерација на Corsa успеавме да поминеме нешто повеќе од 180 километри и да добиеме една претстава каква би била финалната верзија. Во оваа измината километража можеме да издвоиме неколку сублимати. Пред сé Corsa веќе не е типично германски автомобил. Таа сега има многу помека амортизација, помеко реагира на управувачот и целокупно делува некако пофранцуски. Бидејќи е поставена на основа на Peugeot 208, Corsa мораше да поднесе некои компромиси, пред сé во возните својства.

Кога ќе дојде време ќе видите дека во дизајнот Corsa има своја автономија, а свој пристап има и во решавањето и на ергономијата. Мора да кажеме дека седењето е многу подобро отколку кај било која генерација на Corsa. Поради новите димензии таа сега е пониска за 6 сантиметри, има иста должина и нешто поголема ширина. Затоа поради пониското тежиште спуштена е и висината на предните седишта за 3 сантиметри и зад управувачот се има многу подобро чувство како се движи автомобилот и како треба да се реагира.

До сериското производство Corsa ја делат уште неколку месеци, па затоа ќе има и многу повеќе дотерувања на сетинзите, не само на потпирањето туку и на управувањето. А кога сме кај механичките склопови неизоставно е да се спомене моторизацијата. За почеток Corsa ќе има два мотора – бензински и дизел. Бензинскиот е од 1,2 литри, трицилиндричен со турбо полнач, но тој ќе има верзии од 75 па дури до 130 коњски сили, додека дизелот ќе биде само еден од 1,5 литри. Значи во Opel преживеа дизелот и тој има иднина. Што се однесува до 1,2 литарскиот турбо бензински мотор, тој работи малку погласно отколку што очекував, а оние класични вибрации кои се јавуваат кај трицилиндричните мотори како да се пригушени.


Corsa има интересни решенија на инструмент таблата, додека останатите внатрешни елементи беа покриени и нема што да кажеме за нив

Мислам дека Corsa бидејќи ќе се произведува само во изведба со пет врати ќе биде интересна за пазарот, но бидејќи во претпродукцискиот тест-модел не можевме да ги отвориме задните врати, не можевме ни да добиеме впечаток колкави се. Сепак се чини дека на задната клупа има малку простор, исто како што е кај Peugeot 208. Но за финалниот заклучок ќе почекаме да се соочиме со сериската верзија.

Тест возењата ги извршивме на границата помеѓу Германија и Франција. Симболично влегувавме од Германија во Франција, па се враќавме во Германија, и така натаму. Тука може да се постави прашањето дали Corsa сé уште е германски автомобил. Финалниот одговор ќе може да го дадам за неколку месеци за да бидат објективен, но првите впечатоци се дека Corsa полека но сигурно почнува течно да зборува француски.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER