Volkswagen го најави Golf 9!
Објавено на 30 октомври 2019 година
Не, не е грешка – иако новиот осми по ред Golf беше претставен пред едвај една недела, Volkswagen стигна да го најави и наредниот Golf 9. Конотацијата сепак е малку различна – на прашање за судбината на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, Ларс Хенчел од одделението за развој на погонски единици потврди дека електрификацијата во која германскиот производител тукушто зачекорува нема да го „убие” Golf. Поточно, дека нема шанси да се достигне 100-отстотна електрификација на гамата до 2030 година и дека и после десет години сé уште ќе можеме да купуваме автомобили задвижувани со фосилни горива, така што тој е уверен дека меѓу нив сигурно ќе биде идната деветта генерација на Golf. Појавувањето на ID.3 го пензионираше e-Golf, но очигледно само привремено – европскиот бестселер отсега ќе биде на располагање во две plug-in хибридни верзии и три како благи хибриди со ознака eTSi, така што новиот 9-ти Golf кој ќе се појави еден убав есенски ден во 2026 или 2027 година може повторно да биде електричен…