Fiat ќе ги жртвува Alfa Romeo и малите автомобили!
Објавено на 5 ноември 2019 година
Спојувањето на PSA и FCA ќе донесе многу придобивки, но ќе бара и жртви. А тие, барем според првите сознанија, нема да им се бендисаат на љубителите на Fiat бидејќи се споменува дека италијанската компанија ќе (мора да) ги жртвува Alfa Romeo и малите автомобили. Се разбира ова е далеку од официјално, но сепак доаѓа од извори кои со децении се докажувале како успешни аналитичари на автомобилскиот пазар. Според нив, за да вистински успее фузирањето на PSA и FCA потребни се неколку работи. Прво, FCA треба да сфати иако сé би било поставено на 50:50 основи дека тој всушност ќе биде купен од PSA. Тоа според бизнис филозофијата на француската компанија автоматски значи и исфрлање на сé што не е профитабилно, без никакви носталгични компромиси. Препознавате, зборуваме за Alfa Romeo. Втората работа се малите автомобили, кои освен доставната програма која и сега им е заедничка, практично се единствените кај кои двете гами се преклопуваат. Аналитичарите имаат многу зборови за ова, но ние сепак ќе се воздржиме од нивно пренесување. Третата не се однесува за нас туку за бизнис релациите на PSA во Кина, кои најверојатно ќе бидат прекинати.
Дали овие работи, вклучувајќи го и традиционалниот медитерански инает на синдикатите па и власта во Италија ќе влијаат на крајниот резултат, ќе дознаеме во наредните недели.