Прво турбо, па хибрид, а сега и SUV
Ferrari подготвува SUV модел, нови V6 мотори, хибридизација на понудата
Објавено на 19 септември 2019 година
Многу се зборуваше за тоа дали Ferrari ќе има SUV модел или не. За него своевремено Серџо Маркјоне изјави: „Ferrari SUV? Попрво застрелајте ме!“, но времето покажа дека и тој и другите го смениле мислењето, така што во планот за развој до 2022 година свое место најде и ваков модел. Според него, Ferrari во наредните три години ќе лансира дури 15 нови модели кои ќе се базираат на две платформи – една со напред и една со централно поставен мотор, и двете со поддршка за хибридни технологии. Погонските групи ќе бидат проширени со нова линија V6 мотори, а е планирана и таканаречена Turbo Hybrid серија агрегати со целосно елиминирана турбо дупка. Во поглед на ова, плановите предвидуваат околу 60% од понудата да бидат хибриди.
Што се однесува до SUV моделот, кој ќе го носи името Purosangue, што на италијански значи чиста крв. Ќе има четири седишта, висински прилагодливо ослонување, напреден систем против превртување и хибридна технологија, најверојатно плаг-ин.