Mercedes SL – Враќање на корените (фото, видео)

Нова едиција на иконата

објавено на 29 октомври 2021

После скоро седум децении Mercedes SL се враќа на корените за повторно да владее со светот на џет-сетот со својот беспрекорен стил. Приказната за овој убавец започна во 1954-тата кога тој на луксузот му даде динамична нота. Лансиран најпрво со врати кои се отвораа нанагоре како лебедови крилја, во вистинското пакување пристигна наредната година кога доби родстер верзија. Платнениот покрив и двете седишта беа клучни за стекнување на славата. Во меѓувреме некои нови правила стапија на сила и SL се менуваше од генерација во генерација. Битно е сепак дека со него Mercedes секогаш го испорачуваше најдоброто со што располага.

Така е и во ова седмо издание кога SL повторно доби платнен покрив. Со него изгледа спортски складно , но вистинскиот карактер го открива со спуштањето кое трае 15 секунди и може да се стори во возење не побрзо од 60 километри на час. Опремен со метални засилувања, се нуди во три бои на ткаенината, а нешто што ретко се среќава е задното стакло кое не е пластично и е загревано. Раскошот и елеганцијата на внатрешноста во голема мерка се презедени од новата S класа, нудејќи комбинација на дигитални технологии и скапоцени материјали. Гласовниот асистент зборува 28 јазици, кокпитот има осум дизајнерски шеми, а наклонетоста на централниот екран се подесува меѓу 12 и 32 степени. На должината од 4,7 метри се распоредени 2+2 седишта оставајќи 240 литри простор за багаж кој не може да биде многу тежок бидејќи носивоста му е само 320 килограми.

Од техничка страна SL доби управлива задна оска и погон на сите тркала, а деветстепениот менувач го имаше од порано. Подвижните панели во маската ќе го оптимизираат струењето на воздухот во челниот дел на возилото, а над 80 километри на час се извлекува и задниот спојлер. Активната аеродинамика е дополнета со подесливи профили за дополнителна сила на прилепување при поголеми брзини. Од погонските опции засега на располагање е само техничкиот бисер на AMG, четирилитарскиот битурбо V8 во две изведби со 476 и 585 коњски сили. Со посилниот ќе фати стотка за 3,6 секунди и ќе постигне максимални 315 километри на час. Споменато е пристигнување на плаг-ин хибрид, но за тоа потоа. Цената не е објавена, ама 140 илјади евра се добар ориентир од каде би стартувала.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER