Новата Škoda Octavia во Македонија
Четвртата генерација веќе им е достапна на нашите купувачи
Објавено на 24 јуни 2020 година
Octavia уште еднаш ги зацврсти темелите на Škoda. И оваа генерација како и сите пред неа го подигна на ново рамниште значењето на зборот практичност. Сега со нов подинамичен изглед, кој благо асоцира на купе. Предниот дел е без изненадувања, типичен за сите нови модели на марката. Кристално јасниот дизајн е мудра комбинација на конзервативното и модерното. Се истакнуваат новите ЛЕД светла чии остри работи даваат впечаток како да се вметнати во маската. Визуелно подинамичниот заден дел ја крие најголемата предност на Octavia – багажникот кој нарасна на цели 600 литри. Пространоста и внатре е огромна, без разлика каде ќе седнете.
Квалитетот на материјалите е подобрен, а списокот опрема исполнет со бројни функционалности. Некои од нив за прв пат се среќаваат, како на пример џебовите за телефон на страничните делови од предните седишта. На возачот на располагање му стојат доста безбедносни асистенти, но за жал на почетокот на продажбата само три моторни опции. Бензинецот е 1,5 литарски со 150, а дизелот дволитарски со 115 и 150 коњски сили. Од нив засега само посилниот доаѓа со DSG трансмисија. Како што нé информираа од Порше Македонија, во иднина гамата на Octavia ќе биде комплетирана. Купувачите посебно ќе ги израдуваат хибридните изведби кои ги има три. Најмногу најмоќната, чиј плаг-ин погонски склоп со 204 коњи овозможува поминување 60 електрични километри.
Во овој момент цената на Octavia во Македонија стартува од 19.700 евра.