Електрични возила за милиони
Volkswagen групата објави дека досега произвела милион електрични возила на својата MEB платформа
Volkswagen ја лансираше својата MEB платформа со намера да прави електрични возила за милиони а не за милионери. Првиот автомобил базиран на неа се појави во 2019-тата и таа сега веќе е основа за 12 различни модели, а уште неколку се на пат. Со вакво темпо беше прашање на време кога ќе дојде клучниот момент во остварувањето на ветеното – да се стигне до првиот милион, што веќе се случи. MEB платформата е флексибилна архитектура со прилагодлива големина, батерии сместени во подницата и електромотор на задната оска. Подржува вградување на уште еден електромотор напред со што се добива погон на сите тркала. Покрај во возилата од марките на групата на неа ќе бидат поставени и електричните модели на Ford за Европа. Volkswagen веќе работи на идната генерација на оваа платформа која со помош на напредна батериска технологија треба да обезбеди автономии од преко 700 km и побрзо полнење. Цел на групата е до 2030 година 80% од понудата на патнички возила во Европа да бидат електрични.


