По неколкугодишен развој, Bentley го претстави својот прв електричен модел
Новото спортско-корисно возило наречено Torcal, располага со голема моќност, а има и батерија доволна за автономија до 600 км според WLTP циклусот.
Што е уште поважно, ова не е само електрична верзија на моделот Bentayga.Torcal станува четвртата моделска линија на Bentley и воведува нов дизајнерски јазик за кој компанијата тврди дека ќе влијае врз идните модели, без оглед на тоа што се наоѓа под хаубата.
Со други зборови, Torcal означува ново поглавје за Bentley. Визуелно, речиси е невозможно да се помеша со кое било друго возило. Предниот дел е доминиран од огромна, осветлена решетка со мотив на дијамант, но поделените предни светла и исклучително тенките дневни светла му даваат драматично поинаков изглед.
Задниот дел е почист во дизајнот, со тенки хоризонтални светла и вертикални елементи што ја врамуваат вратата на багажникот. Од Bentley велат дека намерно го намалиле бројот на линии на каросеријата, дозволувајќи им на пропорциите, површините и мускулестите задни крила да го дефинираат карактерот на возилото. Интересно е што Torcal всушност е најкраткиот модел на Bentley со четири врати, иако е долг пет метри.
Во задниот дел располага со багажен простор од 460 литри, додека под предниот поклопец има дополнителни 90 литри простор.Сепак, на крајот на краиштата, промените под каросеријата се оние што се најзначајни кај овој конкретен модел на Bentley. Понудата ја сочинуваат две верзии.Стандардниот Torcal развива 821 КС и 1.194 Nm, што е доволно за забрзување до 100 км/ч за 3,9 секунди и максимална брзина од 250 км/ч. Верзијата Torcal S ја зголемува моќноста на 888 КС и вртежниот момент на 1.350 Nm кога е активен системот „Launch Control“.
Тоа го намалува времето за забрзување до стотка 3,3 секунди и ја зголемува максималната брзина на 260 км/ч. Двете верзии користат два синхрони електромотори со постојани магнети и електрична архитектура од 800 волти. Меѓу нив е сместена батерија со искористлив капацитет од 113 kWh, која доаѓа со гаранција од 10 години или 160.000 км.
Доколку најдете доволно моќен полнач, Torcal може да прими до 400 kW, со што батеријата се полни од 10 до 80 проценти за помалку од 20 минути. Уште поимпресивно е тоа што Bentley тврди дека за седум минути може да се добие досег од приближно 160 км.Сепак, и овде важи правилото дека за вакви перформанси е потребен полнач способен да ги постигне тие брзини.


