ЕКСКЛУЗИВНО -Mustang Mach-E 4X прво возење

Тивкиот див коњ

Во рамка на EcoBest Challenge, напореден тест на новодојдени електрични возила на европскиот пазар, се соочив со Mustang Mach-E. Морам да признаам дека тет-а-тет средбата оформи сосема поинаква вибрација од онаа што ја добив од официјалните соопштенија.

Кога ќе го слушнете името Mustang, веднаш помислувате на легендарниот снагатор со длабок баритон што доаѓа од V8 моторот сместен под хаубата. Кога Ford го најави новиот, потполно електричен модел, ми беше нејасно зошто го избра ова име поврзано со перформанси, нагласен спортски карактер и заразно галамџискиот хор на осумте цилиндри. Пред мене стои каросерија која не е ниту купе, ниту кабриолет, туку кросовер со четири врати…

Сепак, по задолжителното врткање околу возилото и загледување се истакнува паметното имплементирање на типичните елементи на традиционалниот американски бренд. Според моето мислење, обидот да се натрупаат карактеристичните стилски знаци на славниот Mustang на основната структура на кросовер со изразени елементи на купе-кросовер како да не функционира најуспешно. Mach-E, од одредени агли, изгледа несериозно, а има различни делови од него што изгледаат едноставно чудно. Вкусовите се разликуваат и за нив не треба многу да се дискутира. Наменет е на новата генерација возачи кои имаат сосема поинакви приоритети од ониe што ги помнат деновите на славата на старите добри набилдани бензинци И кога ќе влезете во кабината го имате зачудувачкиот момент.

Пред возачот пак е скромен по димензии, но доволен по информации дисплеј. Секако дека нема да пропуштите да ја забележите ѕвездената привлечност на исправениот екран кој мери дијагонала од импресивни 25,9 сантиметри преку кого се команда инфозабавниот систем SYNC 4. Ова е брилијантен систем. Да, контролите за сé содржани се тука, и тоа на допир, но начинот на кој графиката изгледа, начинот на кој функционира, ви прираснува за срце за неколку минути по престојот внатре. Штета е што ротационото копче за јачина на звукот поставено на екранот делува евтино. Истото се однесува за бирачот за режими на возење на централната конзола.

Стандардниот систем за навигација е исто така импресивен. Брзо пресметува, ја прикажува картата во целосен формат на огромниот екран на допир и безбедно ве води до вашата дестинација со податоци за сообраќајот во живо. Дури и информациите за тековната цена за најблиските станици за полнење може да се повикаат и паметните телефони да се поврзат со системот исто толку лесно. Купеовски скроената каросерија сепак нуди многу простор за патниците и багажот, а целиот ентериер е прекрасно скроен, можеби еден од најубавите помеѓу лектричните возила.

Тука се гледа симбиоза на модерното и традиционалното, комбинација што прави да се чувствувате посебно. Mustang Mach-E е долг 4,71 метар, меѓуоскиното растојание се протега на неполни три метри што дава многу слобода на движење на сите седишта, а багажникот има простор за складирање од 402 до 1420 литри. Во повеќето случаи тоа е доволно и за кабелот за полнење да не лета наоколу низ багажникот, тој може или да се складира под подот за товарење или едноставно да се спакува во дополнителниот простор за складирање од 100 литри под предната хауба.

Доста со прикаски, време е за возење! Постојат четири главни спецификации за погонот и батериите на Mustang Mach-E, со погон на задните тркала и еден мотор кои имаат стандардна батерија од 75,7 kWh бруто (68 kWh употребливи) или со продолжен опсег со капацитет од  98,7 kWh бруто (88 kWh употребливи), и истиот пакет на батерии но со два електро мотори и погон на сите тркала. Јас сум зад управувачот на двомоторната AWD поставка со стандарден опсег и, официјално, најмала декларирана автономија на возење од 400 километри што не е револуционерно.

Изведбата AWD има дополнителна синхрона единица со постојан магнет што ги движи и предните тркала. Ова ја менува излезната моќност и перформансите. AWD Mach-E има поголема флексибилност благодарение на врвните 580 Nm и 351 КС способни од 0-100 km/h да го поминат спринтот за 6,3 секунди Секој модел Mach-E е ограничен на максимална брзина од 180 km/h, без оглед на големината на батеријата или бројот на погонети тркала. Има дури и промена на стапките на полнење помеѓу моделите, стандардниот опсег достигнува 115 kW на брз полнач, додека продолжениот опсег може да достигне 150 kW на истиот.

Како и да е, поради разликите во капацитетот на батеријата има разлика во полнењето од 10 до-80 проценти во кој било Mach-E ќе потрае помеѓу 38 и 45 минути. Ford наведува официјална стапка на користење на енергија од 19,5 kWh/100km, а за официјалните податоци ќе почекаме кога ќе бидат сублимирани сите параметри што ги меревме. Дали нешто од ова звучи многу „мустанговски“? Секако дека не! Иако не е фер да се очекува SUV со нула емисии да има драма и харизма што може без напор да ги собере 5,0-литарското купе со V8 погон, едноставно Mach-E никогаш нема да го достигне. Она што е најнеправедно за ова е што Mach-E е, генерално, прекрасно EV за возење. Навистина е културен и допадлив, а под неговата спорна каросерија има подвозје со вистински талент.

Можете да почувствувате како вртежниот момент делува импресивно за време на побрзи свиоци и, ако го темпирате оптеретувањето во влез на свиокот, на излезот Mustang EV ќе премине во лесно контролирано подуправување, како што треба да има вистински мускулен автомобил. Исто така, се чини дека Mach-E го има најдоброто модерно управување на Ford. Сепак, внимателно изберете ја опцијата „Возење со една педала“ од главниот екран на допир, бидејќи тоа е еден од најтешките регенеративни системи што сум ги пробал досега. Mach-E се чувствува многу пооргански кога овој систем е исклучен. Онаму каде што Mach-E навистина постигнува големи резултати е во удобноста и префинетоста.

Можеби тврдокорните уште долго ќе негодуваат зошто иконското име е ставено на електричен производ кој нема многу врска со оригиналот. Ce си има свое и секое време носи свои вредности. Ова е нова, додадена вредност на дивиот коњ кој на времето ја тресеше преријата со  звукот на својот галоп. Сега, роднината од иднината продолжува да го прави истото, но со моќна тишина. Од неодамна Mustang Mach-E е достапен во Македонија. Едвај чекам, доколку воопшто е реално, да го возам во тукашни услови и да ја видам неговата употребна вредност во една поинаква прерија.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER