Шведски новости под македонското сонце
Објавено на 20 октомври 2019 година
Викендов што помина Volvo Македонија ширум ги отвори своите врати за љубителите на марката. А нив таму ги пречека новиот S60, кој отсега е достапен и за нашите купувачи. Овој модел на шведскиот производител е прв што се произведува во Соединетите Американски Држави и прв што ќе доаѓа без дизел мотори. За почеток со бензинци со моќност од 190 и 250 коњски сили и плаг-ин хибрид со комбинирани 390 коњи, а во блиска иднина и во уште една бензинска и хибридна верзија. Сите се опремени со автоматски менувач со 8 степени, а најсилната изведба има и погон на четирите тркала. Како и другите лимузински модели на марката се одликува со моќен но елегантен дизајн. Деталите го истакнуваат спортското во него, додека луксузот е затскриен зад шведскиот минимализам. За квалитетот на обработката и пополнетоста со опрема посебно безбедносната, не треба да зборуваме – тие се подразбираат кога е во прашање Volvo. На располагање е со два пакета опрема, а цените стартуваат од 50 илјади евра. Покрај него, сите заинтересирани за автомобилите на Volvo можеа да се запознаат со останатите модели и да направат тест-возење на нив.