Volkswagen ID.Life

Видео насловна Новитети

Мал автомобил, голем чекор напред

Со својот нов мал електричен автомобил, Volkswagen се подготвува да направи голем чекор

Објавено на 7 септември 2021 година

Веќе некое време јавно се зборува за електричниот автомобил на Volkswagen помал од сегашните, кој би чинел околу 20.000 евра. Сега веќе не мора само да се зборува – тој може и да се види во облик на концептот ID.Life кој германскиот производител го покажа на салонот во Минхен. Но пред еуфоријата да го зафати граѓанството, една работа треба да биде јасна – тој нема да се појави барем уште четири години.

На Volkswagen сигурно му треба помалку време да го дотера до сериско производство, но за тоа треба и другите чинители во сферата на електрификацијата да бидат подготвени. Тука најпрво се мисли на добавувачите со своите мега-фабрики да можат да испорачаат мега-количини на батерии, и тоа со цена која би се вклопила во наведената. Нормално, и државите треба да имаат доволно распространета инфраструктура за полнење, затоа што Volkswagen сака да го продава во големи бројки, како некогаш Буба. Заради тоа и креаторите на ID.Life следеа некои правила од неа, пред сé едноставноста во конструкцијата и целокупната појава. Минимализмот владее насекаде, дури и таму каде не треба, како што е платнениот покрив изведен како лежалка за плажа. Внатрешноста е спартанска и освен четвртастиот управувачот ништо во неа не се истакнува.

Како механичка основа е искористена скратена верзија на постоечката MEB платформа, адаптирана електромоторот да ги задвижува предните тркала. А тој со своите 234 коњски сили сигурно нема да опстане до сериското производство, бидејќи едноставно нема потреба од толку моќ. За батериите е прерано да се зборува оти во меѓувреме се очекуваат нови решенија, но ќе остане забележано дека тие во концептот имаат 57 киловат-часа доволни за поминување 400 km. Деталниот поглед на фотографиите и уште подеталниот преглед на официјалното соопштение на VW ќе забележи и некои други интересни работи, како на пример камерите место ретровизори. Посебно изненадување е платното кое се растегнува внатре пред ветробранското стакло наменето за гледање филмови и играње видео игри, ама повторно ќе кажеме дека е прерано за коментирање вакви нешта.