Официјални скици
објавено на 16 мај 2019 година
Додека цел свет го очекува новиот Golf, Volkswagen тактизирајќи со датумот на премиерата ги покажа првите скици од него. Тие се појавија на презентацијата наменета за присутните на годишното собрание на акционерите и го покажуваат она што главно го знаевме – дека надворешниот изглед ќе му биде еволутивен. За разлика, дизајнот на внатрешноста е прилично различен – во неа само некои детали обликувани во духот на целото семејство на Volkswagen покажуваат дека се работи за Golf. Големата инструмент табла треба да биде дигитална, а централниот екран одамна е чувствителен на допир. Се забележува и намалувањето на бројот на копчиња, а рачка за менувачот нема.
Премиерата на новиот Golf VIII се очекува во периодот после есенскиот салон на автомобилите во Франкфурт, а првите испораки се планирани за крајот на февруари 2020 година. Во понуда ќе бидат неколку бензински и дизел мотори и благи хибриди, како и TGi верзија задвижувана со природен гас. Верзија со три врати може и да нема, а ќе биде исфрлена и електричната изведба која ќе биде заменета со ID.3. Но затоа во новата генерација ќе биде достапна плаг-ин хибридна GTE варијанта со автономија од околу 80 километри, а GTi и R топ-верзиите се подразбираат. Наводно во VW работат и на Golf R Plus со некои 400 KS, но за тоа потоа.