Повеќе од враќање

Прва наша средба со претсериските примероци
Објавено на 19 септември 2018 година
автор: Младен Алвировиќ

Пред премиерата, додека уште траат финалните испитувања, се најдовме зад управувачот на она што за две недели ќе стане новата Supra. Всушност, автомобилот ќе биде откриен тогаш, но деталните податоци и понатаму ќе останат сокриени, додека новинарите официјално ќе го возат дури на почетокот на идната година. Затоа, наредните редови внимателно читајте ги, бидејќи се целосна светска ексклузива

 Toyota Supra

Името Supra значи многу, но само на вистинските љубители на автомобили, возачките ентузијасти кои имаа среќа да доживеат барем една од петте генерации на спортистот на Toyota пред и последната да изумре во 2002 година. Од сето тоа остана само името, една спортска легенда, а токму на тоа јапонската куќа смета кога ни го подготвуваше наследникот на кој навистина долго се чекаше. Всушност Toyota смета на тоа дека низ новата Supra купувачите ќе ја сфатат промената на комплетниот имиџ на компанијата. Поттуркана со ентузијазмот на својот прв човек Акио Тојода кој е голем заљубеник во спортското возење и инаку одличен возач, оваа компанија веќе некое време ги уфрлува забавата и емоциите во равенката во која одамна се издржливоста, долговечноста, разумот. А забавата е нешто што е во самата срж на новата Supra. Иако овие денови од нашите домаќини премногу пати ја слушнавме реченицата „за тоа во овој момент не можеме да зборуваме”, сé што можевме да видиме дружејќи се со претсериските прототипи на новиот спортист толку е емотивно што и досега, додека вие го читате овој текст, не успеавме да ги сложивме сите впечатоци во главата.

Возечки автомобил

Овој пат домаќин ни беа патиштата во околината на Мадрид и помалку заборавената, но легендарна патека Харама, исфрлена од календарот на формула 1 уште во 1982 година. Заборавена но и возбудлива и интригантна токму како и Supra. Идеален спој да се разбере приказната за тоа што Toyota сега всушност работи. А тоа е следново – од пепел е извлечено името, пред шест години направено партнерство со BMW, обликувани се барањата за модел кој ќе биде врвен возачки автомобил, поставена цел во меѓувреме да се успее и во автомобилските трки и сето тоа е доверено на новото одделение  Toyota Supra Gazoo Racing, екипата која од широкиот дијапазон на тркачкото искуство на Toyota го извлекува само најдоброто.

Supra е толку возбудлива во возењето што споредбата на Toyota и Porsche одеднаш станува логична

 Toyota Supra

И BMW и Porsche

Резултатот е паралелен проект со BMW Z4. Supra со него има ист мотор и менувач, а заеднички е огромен дел од архитектурата. Дури и во кабината, која пред премиерата сé уште скоро цела беше прекриена, препознававме тука и таму по некој германски детаљ. А кои се разликите? Накратко, сé останато. Пред сé, начинот на кој автомобилот се вози. Признаваме, новиот Z4 сé уште не сме го возеле, но имаме искуства со она што Toyota вели дека се директни конкуренти на Supra – BMW M2 и Porsche Cayman GTS. Пред сé, Supra не е залепена за патот и бесчувствително стерилна. Тука е поблиска до M2 отколку до Cayman. Наспроти тоа, не е ни дива и брутална како BMW, туку влева доверба со прецизните и никогаш преостри реакции. Верно ја следи траекторијата, но бара ситни корекции, како да живее под вашите прсти. Во исто време секој свиок е сé поголемо задоволство. Исклучително е добро избалансирана и, што најмногу ни се допадна, доста е стабилна во моментите кога е под влијание на комбинирани сили. Да кажеме, на преминот меѓу два свиока, на нерамен коловоз, при кочење низ свиоци. Во секој момент во кој една од двете оски има „оправдување” да отстапи, Supra верно ја следи патеката. Чувството на самиот управувач е доверливо бидејќи делува како со вистинска брзина вашата команда да доаѓа до тркалата, ни преостро, ни пребавно, точно онолку колку што пневматиците можат да прифатат. Податокот дека тежиштето на целиот автомобил е пониско отколку, да кажеме, кај GT86, не е само ставка на хартија – тоа навистина се чувствува. Инаку, распоредот на тежината е 50:50, така што тој баланс што го чувствуваме секако има своја поткрепа и во бројките.

 Toyota Supra Supra е подготвена за многу изненадувања

Поцврста отколку LFA

За жал, немаме ни една конкретна бројка што би можеле да ви ја пренесеме. Сé е тајна. Колкава е тежината? Велат, ќе биде сигурно под 1.500 kg. А забрзувањето? Сосема сигурно под пет секунди до стотка. Вртежниот момент? „Не би сме сега за тоа”. Силината? Преку 300 коњи. BMW официјално за својот модел кажува дека има 340 KS, но Toyota не ги открива своите. Тоа е воедно и најдобар показател колку всушност има заедништво во развојот на овој модел, но и жестоко ривалство во понатамошната работа. Додека BMW засега исклучиво е кабриолет, Supra моментално исклучиво е купе.  Toyota Supra Тоа го истакнуваме бидејќи ова купе, без примени на карбон и други скапи материјали, има поголема цврстина на каросеријата од прескапиот и пренапреден Lexus LFA. Знаејќи дека кабриолетот никогаш не може да ја има цврстината на купе, логично е да очекуваме овој автомобил сепак да има поостар и посигурен „чекор” на патека отколку германскиот брат.


Иако маскирана, внатрешноста на Supra со нас комуницираше на германски

 Toyota Supra

Електроника и за звукот

Важен дел од она што утре ќе биде Supra е технологијата што се крие зад сé. Ослонувањето е електронски контролирано така што во секој момент работи на намалување на навалувањето и лулањето. Кога ќе го уфрлите автомобилот во спортски режим на работа, тој дополнително се спушта за седум милиметри. Задниот погон е обогатен со активен диференцијал кој исто така електронски е контролиран и има степен на заклучување и до 100 отсто. Тоа гарантира молскавичен излез од свиоците, можност порано да стиснете на педалата за гас, но и бурна забава за сите кои Supra ја гледаат како дрифт автомобил, што е улога која едвај чекаме да ја провериме. Голема новост за Toyota е и тоа што користи автоматски менувач со осум степени на пренос. Поточно, иако моторот и менувачот се со потекло од BMW, тука всушност станува збор за познатата ZF единица што ја користат и Audi, Jaguar и многу други, со таа разлика што посебно е прилагодена на овој мотор. Менувачот воедно е и единствената работа за која посакавме да е поинаква – при менувањето на степените нанадолу, кога пред свиок сакате да кочите со моторот, ни се чини дека работи подоцна, нешто помеко и со подолго чекање отколку, да кажеме, кај BMW M3. Кога сме веќе кај замерките, не го одобруваме тоа што дури и Toyota се приклони кон вештачкиот звук. Со преминување во спортски режим на работа во кабината се слуша рикањето на моторот, но однадвор не. Додуша, никој не ни потврди дека станува збор за ефект со звучниците, иако не ни мораше.

 Toyota Supra

Тркачката патека секако е место каде Supra се чувствува како дома, но Toyota доста се потруди главниот дел на развојот да биде посветен на возење на отворен пат

Стигнува напролет

Веќе од октомври, кога Supra ќе го здогледа светлото на денот на салонот во Париз, тргуваат во претпродажба нарачките преку интернет за првите 900 купувачи кои своите автомобили ќе ги добијат при крај на пролетта наредната година. Цената, техничките податоци, перформансите – сé официјално ќе биде познато дури тогаш. Затоа во Toyota велат кој ќе нарача автомобил ќе може и да се премисли, но сигурни се дека такви нема да има бидејќи кој ќе ја провози Supra барем 50 или 100 метри останува заљубен доста долго. Убава вест е дека нашиот пазар не е прескокнат, па кај нас веројатно ќе стигне во текот на јуни или јули 2019-та. Интересно е дека од повеќе извори за време на престојот на ова пробно возење слушнавме дека од Supra се очекува драматично подобар продажен резултат отколку од моделот GT86, иако е збор за дефинитивно многу поскап автомобил. Но ако тој беше влезница во светот на забавата и возењето, овој сега е ВИП карта за централната ложа на натпреварот за најзабавен автомобил. Толкава е разликата во филозофијата меѓу моментално единствените два вистински спортиста на Toyota.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER