Toyota GR Yaris (со видео) » Ѓаволски забавен тркач

Top News Видео Новитети

Ѓаволски забавен тркач

На воодушевување на сите вљубеници во возењето, Toyota го претстави GR Yaris со 1,6 литарски трицилиндричен мотор со 261 KS, мануелен менувач и погон на сите тркала

Објавено на 11 јануари 2020 година

Во време кога повеќето производители или ги укинуваат или ги електрифицираат лутите верзии на своите модели, во Toyota се одлучија за сосема поинаков потег. Тие, имено, на воодушевување на сите вистински вљубеници во возењето кои често жалат за моделите од старата школа, на салонот во Токио го претставија новиот GR Yaris кој под поклопецот на моторот крие 1,6 литарски трицилиндричен турбо агрегат со дури 261 KS и 360 Nm. За формулата за забава да биде комплетна, силата се пренесува на сите четири тркала со мануелен менувач. Плус на тоа, овој модел може да се нарача и со опционален Circuit пакет кој содржи блокирање на диференцијалите, дополнително подобрено ослонување и 18-инчни тркала со Michelin Pilot Sport 4S пневматици.

Возачот на располагање има три различни режими на возење – Normal, Sport и Track, кои во зависност од изборот го распределуваат вртежниот момент меѓу оските во сооднос 60:40, 30:70 или 50:50. Кога ќе земеме предвид дека автомобилот е тежок 1.280 kg, јасно е дека станува збор за ѓаволски забавен тркач кој до стотка ќе стигне за 5,5 секунди и нема да застане до електронски лимитираните 230 km/h. Визуелно овој модел се истакнува со масивни спојлери и крила, дискретен спојлер назад, прилично впечатлив дифузор и двојни издувни цевки. Внатрешноста изобилува со алкантара, а GR ознаките даваат до знаење дека не е обичен автомобил. Тука се и неизоставните спортски седишта кои се грижат возачот да остане во иста положба при секакво возење. Цената сé уште не е објавена, но по сé изгледа GR Yaris нема да биде достапен како своите конкуренти кои во поголем дел имаат околу 200 коњи и преден погон.

Видео

клучни зборови: ,