Се сеќавате ли на неа?
Ја има и во Скопје – ја возеше поранешниот хокеар Ѓорги Грчев (Јирка) кој на времето од Чешка дојде во Вардар и настапуваше за југословенската и македонската репрезентација во хокеј
Објавено на 4 мај 2020 година
На средината на 90-тите години, пикапите беа реткост на европските патишта. Тогаш размислувајќи прогресивно, Škoda се дрзна да направи токму ваква верзија на ултрапопуларната Felicia, и тоа наменета не за носење товар туку исклучиво за слободно време. Така настана еден од најретките европски пикапи, кој по некоја случајност сé уште се среќава и на нашите улици. Зборуваме за интересниот Škoda Felicia Fun, кој со својата жолта боја и атрактивниот стајлинг ги привлекуваше и искрено кажано сé уште ги привлекува погледите на случајните минувачи. Но покрај изгледот чешкиот производител му додели и неколку други доста интересни карактеристики. На пример можноста од класичен пикап со две седишта да се претвори во модел со место за четири патници. Тоа беше овозможено со електричното задно стакло во преградниот ѕид, кое можеше да се преклопи. Со вградување на две дополнителни седишта со поглед кон небото, се отвораше вистинскиот капацитет на Škoda Felicia Fun. Таа тогаш ќе имаше намалена должина на просторот за товар од 1.370 на 850 mm, кој сепак сé уште беше доволен за возилото долго 4,25 метри. За впечатокот да биде комплетен растојанието од тлото во однос на стандардната Felicia беше зголемено за 60 mm и беше додаден рол-бар.
Škoda Felicia Fun е претставена на салонот на автомобилите во Женева во 1995-тата и во наредните години од неа беа направени едвај 4.016 примероци. Беа опремени со 1,3 или 1,6 литарски бензински мотор со 68 или 75 KS, или пак Со 1,9 литарски дизел со 64 KS. Еден од ретките примероци на овој интересен пикап кој се појави пред своето време и ден-денес е присутен на скопските улици. Во сопственост е на поранешниот хокеар Ѓорги Грчев (Јирка), кој на времето од Чешка дојде во Вардар и настапуваше за југословенската и македонската репрезентација во хокеј.
Видео