Шах-мат!

Некои работи се менуваат, ама некои ја менуваат само својата форма

Објавено на 28 мај 2020 година

Чесите ги објавија првите детали за моделот кој ќе ја креира иднината на Škoda. Наречен е Enyaq, збор што е изведен од ирскиот јазик и значи извор на животот. Со него најдобро се отсликува карактерот на моделот кој во 125-годишната историја на марката ќе отвори сосема ново поглавје. Тоа се разбира ќе биде електрично, но најважно од сé е што ќе се произведува во Млада Болеслава. Трендовите му наметнаа да има кросоверска форма, која јасно се забележува од снимките на прототипите. Тие за жал се толку маскирани што деталите изостануваат, но сепак се гледа дека дел од нив се направени во Велика Британија. Звучи малку чудно, но тоа е дел од стратешкиот одговор на компанијата која неодамна после само два месеци во продажба мораше да го исфрли електричниот Citigoᵉ од својата понуда во оваа земја. Тој стана жртва на својот успех бидејќи Škoda не можеше со испораки да одговори на побарувачката.

Кога се знае ова, јасно е зошто Чесите се одлучија идниот Enyaq амбициозно да го понудат во пет различни изведби. Основните ќе имаат погон за задните тркала и електромотор со моќност од 148, 180 и 204 коњски сили. Верзиите со два електромотора ќе испорачуваат 265 или 306 коњи на сите тркала. Во зависност од тоа пакетот батерии ќе располага со капацитет меѓу 55 и 82 киловат-часа, доволни за поминување од 340 до 500 километри. Основата се разбира е Volkswagen-овата електрична платформа, растегната на 4,65 метри што е скоро колку Kodiaq. Внатрешноста типично за Škoda ќе биде пространа и практична за секојдневна употреба, а во багажникот ќе собира 585 литри. Технологиите ќе бидат дополнети со најмодерните конективни и инфозабавни системи, со екран од дури 13 инчи. Од Škoda уште наведуваат и дека за прв пат ќе користат еколошки одржливи материјали, додека цените не ги споменуваат. Тие ќе бидат познати во втората половина од годинава, кога треба да започне неговото производство. Првите испораки сепак ќе бидат во идната 2021-ва.

Иако може поинаку да се сфати, Enyaq не е изненадување од Škoda. Чешката марка својот прв електричен концепт со ознака Vision E го претстави уште во 2017 година на салонот на автомобилите во Шангај. Заснован токму на платформата на групата, тој има неверојатно слични перформанси со топ верзијата на идниот сериски модел. Лани во Женева следеше Vision iV кој беше малку поинаков и за кој веруваме дека ќе му го даде финалниот изглед на Enyaq. Тој е само прв чекор во остварувањето на плановите до 2025-та Škoda да има шест целосно електрични модели. Според нив нареден ќе биде хечбек поставен на истата платформа, кој треба да го очекуваме за две години.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER