Преставен електричниот Škoda Elroq – видео, фото-галерија

По цена на Karoq!

После многу најави, Škoda го престави електричниот Elroq. Загревањето на јавноста беше оправдано – ако Enyaq ги постави, Elroq ги зацврстува темелите на електричната иднина на марката иако таа нема така лесно да се откаже од бензинските мотори. И не само тоа – со овој модел Чесите го лансираа својот нов корпоративен стил наречен Modern Solid. Најавен уште пред две ипол години, негова карактеристика е двостепеното осветлување со лента која се протега по целата широчина на предниот дел. Интересно е и тоа што славното индијанско лого исчезна отсекаде – се среќава само натписот Škoda.

Внатрешноста на Elroq балансира меѓу современото и традиционалното. Се среќаваат два екрани за инструмент таблата и мултимедискиот систем, минијатурен џојстик за она што и кај електричните возила го нарекуваме менувач и централен тунел на две нивоа, но и многу копчиња на предниот панел и управувачот. Димензиски Elroq е малку поголем од Karoq – по должина за 10, по широчина за 4 а во меѓуоскиното растојание за 13 сантиметри што ветува многу простор во внатрешноста. И багажникот е солиден – има 470 литри а со соборена задната клупа 1.580. Секако, умните решенија за организација на ентериерот ги има насекаде – од џебовите на наслоните на предните седишта за мобилен телефон преку чадорот во вратата до посебната мрежа за чување на кабелот за полнење.

А тој кај основната верзија ќе се користи на секои 375 километри, колку што автономија обезбедуваат батериите од 55 киловат-часа. Кај неа електромоторот е со 170 коњски сили а погонот на задните тркала. И наредните две изведби се со еден електромотор од 204 односно 286 коњи, со  батерии со капацитет од 63 киловат-часа. Топ моделот има 299 коњски сили, погон на сите тркала и батерии доволни за 560 километри пат.

Она што е најзначајно е дека Elroq кој ќе се произведува во Чешка ќе биде со цената блиску до Karoq – ќе чини околу 33.000 евра. Првите испораки се предвидени за почетокот на наредна година.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER