Без кабина и без возач
Затоа што е целосно автономен
Објавено на 4 октомври 2019 година
Со голем чекор и за Scania и за камионскиот свет, шведската компанија навлезе во нова ера. Најновиот камион кој доаѓа од нивните погони навестува дека денот кога системите за автономно возење не е така далеку. Гледајќи го концептот со ознака AXL лесно може да заклучиме дека наскоро возачите на камиони нема да бидат потребни, а ефикасноста во работењето значително подобрена. Овој камион не е прв кој може сам да вози, но е најнапреден. Нема кабина бидејќи не му ни треба. Целото управување се врши автоматски, но под надзор на оператор кој може да се наоѓа километри далеку во некоја канцеларија. Од Scania напоменуваат дека и покрај футуристичкиот изглед и напредните технологии, најзначајна иновација кај него е софтверот кој го контролира. Наменет е за работа на затворени локации, во каменоломи и рудници. Таму ќе се движи по однапред одредени траектории, а пречките на нив ќе ги заобиколува со помош на мрежа камери, сензори, радари и активно 3-Д мапирање на околината. На јавните патишта не може да излезе оти го спречува легислативата. Изграден е на модуларен принцип, што значи дека може да биде и поголем и помал, во зависност од потребите. Се очекува дека во голема мерка ќе реши многу проблеми со кои денес се соочуваат овие компании, пред сé во обезбедувањето луѓе за работа на зафрлени локации ширум светот.
Но и покрај сета напредна електроника, Scania за погон на овој камион се одлучи за класична шасија со 4 оски и дизел мотор. Додуша тој користи био-гориво, но засега струјата не е во опција. Со овој спој на традиционалните и новите технологии се овозможува идејата на концептот да биде подостапна до вообичаено конзервативно настроените менаџери и сопственици на овој тип бизниси. Scania сепак ги нема сите одговори, меѓи кои и оној на прашањето кога овој камион ќе биде комерцијално достапен и колку ќе чини.
Видео