Samsung има решение » Батерии кои ќе траат 800 km

Top News Занимливости

Батерии кои ќе траат 800 km

Ова може сé да промени во автомобилската индустрија

Објавено на 17 март 2020 година

Дали на повидок е решение кое ќе промени сé во поглед на електричните автомобили? Samsung вели да, бидејќи развива батерии кои би им овозможиле да поминат 800 километри со едно полнење. Автономијата не е единствена но е главна мака на сите производители на возила кои последните години се посветија на развој на електричните возила. Тие овој проблем не можат да го решат бидејќи не е од нивниот домен – за него се задолжени пред сé хемичарите. А од нив колку и да беше очекувано, сепак не стигна реално решение. Но, на повидок е надминување на пат-позицијата – интензивните истражувања што големите компании ги спроведуваат натпреварувајќи се која од нив прва ќе фати најмрсен дел од колач изгледа вродуваат со плод. Така корејскиот Samsung неодамна објави дека е доста блиску со финализирање на развојот на батерии со тврди честички. Тие според нив би требале значително да го забрзаат нивното полнење и воедно да ја зголемат автономијата на електричните автомобили.

Според објавеното од Samsung, ваквата батерија би имала анода од композитен материјал направен од јагленород и сребро. Ова решение би ја зголемило густината на батериите овозможувајќи нивно намалување за 50 отсто во однос на денес сеприсутните литиум-јонски. Таа според нив ќе овозможи автономија од повеќе од 800 километри со едно полнење, која лесно би се зголемила на илјада. Иако сето ова звучи одлично вака кажано, сепак треба да се земе во оглед и траењето на овие батерии кое е ограничено со законите на физиката, кои пак велат дека ослободената топлина при нивно полнење и празнење е пропорционална со брзината на истото, што е проблем кој допрва треба да се реши на технолошко ниво. Заради тоа и бројни стручњаци од оваа област сметаат дека ваквите батерии нема да ги видиме уште неколку години колку што се потребни за да се потврдат лабораториските со практичните функционалности. Во Samsung сепак веруваат дека се многу блиску до финализирање на развојот. Од сé срце им посакуваме да се во право!