Renault Megane E-Tech Electric

Видео насловна Новитети

Француска е-револуција

Во духот на своето француско минато и со цел за подобра светска иднина, Renault со новиот Megane E-Tech Electric започнува е-револуција со која електриката ќе ја направи пристапна на поширок круг луѓе

Објавено на 6 септември 2021 година

Новиот Megane E-Tech Electric кој Renault како единствен претставник на француската авто-индустрија го претстави во Минхен, беше најавен уште лани во октомври. Тогаш за него се кажа дека ќе биде принова во светот на електричните возила која ќе го смени начинот на кој купувачите ги гледаат и сфаќаат. Веќе концептот ни најави дека серискиот модел ќе има блага кросоверска форма, но во основа останува хечбек. Тоа му обезбеди попространа внатрешност иако габаритите се помали од сегашниот модел – должината му изнесува 4,21, ширината 1,78 а висината точно 1,5 метри. Меѓуоскиното растојание е благо зголемено и изнесува 2,7 метри, а во багажникот собира 440 литри.

Внатрешноста е исполнета со сé очекувано од новите технологии, а безбедноста на патниците и безгрижноста на возачот ја гарантираат 26 системи и електронски асистенти. Најважното сепак е користењето на новата модуларна CMF-EV платформа наменски развиена за електричните возила на француско-јапонската алијанса. Megane E-Tech Electric ќе биде понуден во две верзии, со 130 и 218 коњски сили, со батерии од 40 или 60 киловат-часа кои обезбедуваат автономија од 300 односно 460 километри. Ќе се произведува во фабриката во Дуе на северот на Франција, заедно со идниот електричен Renault 5. Продажбата во Европа треба да започне во првата половина на наредната година. Цените засега не се споменуваат.