Редефинирање на границите на луксузот
Јапонците не кажуваат дали LF-1 Limitless најавува некој иден сериски автомобил со кој Lexus ќе им конкурира на сличните модели на BMW и Mercedes
Објавено на 17 јануари 2018 година
За разлика од американските производители кои се концентрираа на пикапите, Јапонците акцентот во Детроит го ставија на кросоверите. Во тоа посебно предничеше Lexus настапувајќи со концепт на купе-кросовер кој ќе ги редефинира границите на луксузот. Студиозно наречен LF-1 Limitless, тој со своите атлетски пропорции просто ги плени погледите. Дизајнерите од калифорниското студио го опишаа како растопен метал искован во јапонски меч. Впечатливиот преден дел со маска со 3-Д ефект и ЛЕД осветлување му дава изглед како да дошол од иднината. Светлата на задниот дел кој е купеовски закосен скоро и да не се гледаат, за разлика од големиот дифузер и чудните отвори за воздух во браникот. Со силуетата владеат големите тркала, а се забележува и недостатокот на ретровизори. Тие се заменети со камери, кои се само дел од мноштвото футуристички технологии во кабината смислена да обезбеди максимален комфор за секој патник. Минималистичкиот дизајн е дополнет со контролите кои се активираат со гестикулации, додека другите технологии Јапонците ги препуштија на нашата имагинација. Слично постапија и со погонските групи, за кои само наведоа дека постои можност да бидат било какви – водородни, електрични, хибридни, па дури и дизел. Не кажаа ниту дали LF-1 Limitless најавува некој иден сериски автомобил со кој Lexus ќе им конкурира на сличните модели на BMW и Mercedes.
видео