Порше Македонија продолжи со убавата традиција овозможувајќи подобро да се запознаеме со врвните возила од Цуфенхаузен

Караванот сочинет од десет модели на Porsche и годинава ја посети Македонија. Името на спортско-луксузната марка тесно се поврзува со перформансите кои ги запознавме на еден поинаков начин, на нашите патишта.

Целта не беше да се натпреваруваме кој побрзо ќе ја извози рутата долга околу 200 километри, туку да го доживееме уживањето кое го пружаат сите модели, од оние со изразени спортска ориентација до луксузните изведби кои, покрај раскошот ги имаат сите атрибути на тркачкото педигре на Porsche. По краткиот брифинг се упативме кон Маврово.

На располагање беа десет модели кои ги возевме во формација и во рамките на условите на патот. Флотата беше сочинета од неколку изведби на легендарната 911, 718 Cayman GTS, Panamera GTS, Macan и, се разбира, две изведби на електричниот Tycan. На едно место беа сконцентрирани околу 5.000 коњи и неколку милиони евра во пазарна вредност. Како што веќе напоменав, целта на возењето беше да се откријат сите квалитети на Porsche, не само спринтерските. Затоа правевме чести ротации на возилата со цел секој од учеснивците да може да ги вози присутните модели.

За состојбата и квалитетот на нашата патна инфраструктура не треба многу да се зборува. Состојбата во каква што се наоѓа не ги задоволува нормите на современа држава. Асфалтот е во лоша кондиција, коловозните ленти исполнети се со нерамнини, вдлабнувања, а преодите на мостовите бараат посебно внимание кога се вози. Двете групи во кои бевме поделени беа предводени од инструктори кои будно ја следеа ситуацијата и мајсторски ги предводеа своите гости. Нашата цел беше да стигнеме до Маврово. Веќе на почетокот, на обиколницата околу Скопје, започна да се случува магијата.

Строго формираната колона приреди несекојдневна атракција за останатите учесници во сообраќајот. Татнежот на моторите и бескрајно атрактивната појава на групата од десет Porsche модели предизвикаа голема заинтересираност и нескриено воодушевување кое не следеше секаде каде се појавивме. До Маврово направивме пет ротации и во секоја од нив се чувствувавме како ѕвезди. Сите од страна ја фотографираа и снимаа нашата флота, а само похрабрите приоѓаа облиску да фрлат поглед во внатршноста на автомобилите. А таму имаше што да се види.

Од најмалиот 718 Cayman GTS, преку легендата 911 која се појави во својата купе, кабрио и тарга изведба, Tycan па се до Panamera GTS со V8 мотор интериерот зборуваше сам за себе. Во сите нив присутна е дигитализацијата која дава посебна атмосфера и чувство на посебност. Единствено традиционални решенија се употребени кај 718 Cayman GTS. Посветен на тврдокорните љубители на возачките вредности, со централно поставен мотор, овој модел е доволно дигитализиран, но во него изобилуваат физички прекинувачи. Честите измени на моделите го направија патувањето интересно.

Можеби немавме можност да ги почуствуваме вистинските можности на престижната ергела. Сепак, несомнено, добивме сосема поинаква претстава за Porsche. Пред се, тоа е високото ниво на удобност и безгрижност кое го имате во секој од возените модели. Нерамнините на асфалтот амортизациата ги „џвакаше“ без драматичности, стабилноста и при провокации остануваше неприкосновена, а уживањето зад управувачот максимално.

Кога пристигнавме во Маврово ни беше приредено уште едно изненадување. Таму не пречека новиот Porsche Cayenne. Иако е новодојденец на пазарот за него се пишуваше на долго и на широко. Преставен во својата верзија со приклучен хибрид тој има доволно голема батерија да вози на струја до 93 километри. Во блиска иднина на нашиот пазар ќе бидат на располагање сите негови изведби.

Глетката беше извонредна. Придружен со десетте модели изгледаше како сите негови роднини да дошле од Германија да ја поддржат неговата македонска премиера. Враќањето кон Скопје повторно ја иницираше возачката екстаза. Мене лично најсилен впечаток ми остави Panamera GTS. Нејзиниот мотор пееше прекрасна арија изведувана од октетот цилиндри, арија чија силина се чувствува насекаде, особено во возачот.

Едноставно не знаев на што да се воодушевувам повеќе, на перформансата или звукот. За жал ниту приближно не ја почувствував перформансата бидејќи нашите инструктори вешто ни ги смируваа страстите. И на последната ротација пред Скопје, се почувствува накратко перформансата, но за жал без тон. Моќниот електричен Tycan изобилува со перформанси но тие се неми. Страотните меѓузабрзувања се фантастични.

Луксузот, удобноста и дигитализацијата во кабината не треба многу да се прераскажуваат. Тие се на ниво кое лесно е споредливо со модерните ултра луксузни возила. Сепак, мене лично, како припадник на „старото школо“, ми недостасуваше песната што доаѓа од стрите добри мотори. А неа во Porsche, по сето судејќи, ќе ја слушаме уште долго време.

Последните инвестиции во производство на синтетички горива ветуваа опстанок на класиката. Тоа мене лично многу ме радува. Организацијата на Porsche Driving Experience, за среќа стана традиционална кај нас. Тоа ми дава за право уште од денеска, само еден ден по завршувањето на прекрасниот излет со возилата на Porsche, со нетрпение да го очекувам следниот вгодина.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER