Peugeot 208 » Препород на француското лавче

Top News Македонија Новитети

Препород на француското лавче

И најофицијално, новиот Peugeot 208 е лансиран на нашиот македонски пазар

Објавено на 31 јануари 2020 година

Ги покажа своите заби лани кога беше претставен, но конкуренцијата допрва ќе ги почувствува. Со пригодна прес-конференција застапникот за Peugeot за Македонија и регионов Еуроимпекс од Скопје и официјално го означи почетокот на продажбата на новиот 208 кај нас. Приказната за овој модел датира уште од 1983 година и е поврзана со моделот 205, кој според своите одлични резултати е причината што групата PSA продолжи со понатамошен развој токму на овој концепт возила. Следеа 206 па 207 и првата генерација на 208, меѓутоа сето ова беше вчера. Денес, осум години подоцна зборуваме за втората генерација на овој модел кај кој Peugeot промени многу. Нови се платформа и дизајнот, кои со веќе испишаната историја со претходниците имаа задача да ја предвидуваат и создаваат иднината. А таа сигурно нема да биде здодевна.

Следејќи ја стратегијата за репозиционирање на брендот неколку скалила повисоко, новиот 208 смело ги предизвикува дури и потенцијалните купувачи од премиум круговите. Атрактивен и атлетски граден, тој ќе биде забележан во секоја прилика. На предниот дел доминираат светлата во форма на лавовски заби налик на оние од многу поголемиот 508. Големата маска напред го надополнува енергичниот изглед, чија силуета оддава впечаток на атлетски градено возило. Вкупните димензии длабоко навлегуваат во просекот на субокмпактниот сегмент, што ќе ја олесни неговата искористливост во градскиот метеж. Новата модуларна платформа му обезбедува подобро однесување на патот и поголем комфор за патниците. Исто е и со безбедносните системи како и со внатрешноста, која освојува уште на прв поглед. 3-Д инструмент таблата со холограмски приказ и иновативниот i-Cockpit се вклопени во чистите и современи линии кои овозможуваат да се почувствуваат вистинските придобивки на револуционерните потези на дизајнерите на Peugeot.

Во поглед на моторизацијата новиот 208 е богато опремен и нуди за секого по нешто, вклучувајќи ги и љубителите на дизелите и купувачите прогресивно настроени кон електричната иднина. И сето тоа по цени кои стартуваат од 13 илјади евра на македонскиот пазар.

клучни зборови: ,