Први фотографии
Иако официјално сé уште не е претставена, новата Opel Corsa си го најде својот пат до јавноста
објавено на 23 мај 2019 година
Пред вас се првите неофицијално објавени фотографии на новата Opel Corsa, која ние веќе ја возевме. За тоа повеќе можете да прочитате ако кликнете тука, а за ова што го гледате ќе го кажеме тоа што го пренесоа и другите медиуми – дека после (пре)долгото чекање новата 6-та генерација на Corsa осамна со својот нов изглед. Веќе на прв поглед е видливо дека овој пат дизајнерите на Opel малку повеќе се имаат потрудено и новата Corsa F, како што најверојатно ќе биде означена, е доста привлечен автомобил. Гледана однапред можеби делува малку млако и потсетува на нешто друго , но сепак таа располага со уникатна појава што ќе ја зацврсти позицијата на Opel во вниманието на купувачите. Поставена на CMP платформата како и другите модели од оваа класа од PSA групата, која ѝ донесе заштеда во тежината за повеќе од сто килограми. Долга е 406 сантиметри, широка 173 и висока 143 сантиметри, додека меѓуоскиното растојание е поставено на 254 сантиметри. Треба да се нагласи дека Corsa повеќе нема да доаѓа во изведба со три врати.
Што се однесува за погонските системи, во понуда ќе биде 1,2 литарскиот бензинец во изведби од 75, 100 и 130 KS, додека дизелската понудат ќе ја сочинува 1,5 литарскиот мотор со 100 KS. Новост во понудата ќе биде потполно електричната e-Corsa со 136 KS и автономија од 335 km. Внатрешноста е исто така потполно нова и нуди повеќе простор за патниците и за нивниот багаж. Инструмент таблата ќе може да биле дигитална, а за разлика од трендовите командите за климатизацијата ќе бидат одвоени од централниот дисплеј, што е за секоја пофалба.
Се очекува новата Corsa да се најде во продажба пред крајот на годинава, по цени кои ќе стартуваат од 13.000 евра, па нагоре.