Со инвестиција тешка 1,25 милијарди евра Nissan ја редефинира својата гама во Европа
Стратегијата на Nissan е едноставна. Ориентирана е кон електричните возила, а како допринос на неа објави дека покрај новата генерација на Leaf, која ќе се трансформира во кросовер, лансира уште две електрични возила. Дека концептите претставени на салонот во Токио пред некој месец не беа само лудо ветување се потврди деновиве. Нивните комерцијални верзии ќе се произведуваат во постоечката фабрика во Сандерленд, Англија.

Со ова соопшение станува повеќе од јасно дека следните електрични возила на јапонската марка ќе бидат замени на Qashqai и Juke бидејќи токму тие модели се произведуваат во таа постројка. Идната генерација на Qashqai ќе биде инспирирана од концептот Hyper Urban, а новиот Juke ќе го понесе дизајнот на студијата Hyper Punk. Следниот Leaf ќе биде инспириран од концептот Chill-Out, кој го најавува моделот како понизок, поелегантен кросовер.

Тој ќе биде поставен на CMF-EV платформа од алијансата Renault-Nissan како и кросоверите со средна големина Nissan Ariya и Renault Megane E-Tech. Nissan во Англија ќе инсталира капацитет за изградба на 100.000 единици по возилото годишно. Не беа дадени датуми за почеток на производството на трите нови автомобили, но тешко е да се предвиди дали производството ќе може да исполни половина од капацитетот на фабриката која во своите најдобри денови испорачуваше повеќе од 500.000 автомобили годишно. Како поткрепа на своите амбиции Nissan објави дека ќе вложи дополнителни 1,2 милијарди евра во својата трета фабрика за батерии.

Во моментов се гради втора фабрика на локација во Сандерленд која ќе има почетен капацитет од 9 гигават часови. За третата фабрика се преговара со кинескиот добавувач AESC, која вкупниот капацитет на производство ќе го заокружи на 25 gWh до 2030 година со потенцијал да се достигнат 30 gWh. Компанијата не одлучи дали да им се придружи на другите производители на автомобили во користењето на поевтини батерии од литиум железо фосфат (LFP) во оддалечување од преферираната хемија на никел-манган кобалт (NMC).

Nissan, исто така, планира целосно нов електричен автомобил кој ќе ја наследи Micra што ќе се произведува во фабриката на Renault во Douai, Франција, заедно со целосно електричниот Renault 5. Дали овој потег ќе биде доволно ефективен да им се спротивствави на кинеските играчи ќе покаже времето. Конкурентните и поевтини кинески модели на BYD, Nio, Zeekr и Great Wall се прошируваат во Европа, што претставува реална закана за актуелните компании.


