Редефинирање на автомобилскиот луксуз
Mercedes со концептот наречен Vision V најавува нова стратегија во својата моделска понуда. Планиран за сериско производство идната 2026-та година, тој ќе биде прв што ќе ја користи новата електрична платформа изворно наменета за моноволуменци и доставни возила. Но токму овој модел сведочи дека нема да се остане само на тоа – оваа архитектура ќе биде употребена и кај ексклузивните возила со трикрака ѕвезда.
А Vision V е токму тоа – со својата уникатност создава нов пазарен сегмент и а со можностите се издвојува од сé што досега е познато. Посебно со нетрадиционалниот преден дел на кој маската е обликувана од светлосни елементи а браникот одоздола визуелно обрабен како да има крила. Страничната врата е опремена со автоматско и осветлено скалило за полесно влегување во задниот дел кој со стаклена преграда може да се одвои од просторот на возачот.
Дизајнерските решенија внатре се спој на класичното и ултрамодерното, а комбинациите се неочекувани исто како и ознаката VLS на серискиот модел што ќе произлезе. Од Mercedes немаат објавено технички детали за погонскиот систем кој сосема сигурно нема да разочара.





