Mercedes-Maybach EQS SUV

Видео насловна Новитети

Голем, поголем, Maybach…

Забрзувањето на плановите за електрификација на Mercedes го донесе на свет големиот Maybach EQS SUV

Објавено на 7 септември 2021 година

Откако ја зголеми целта место 25 до 2025 година да има 50 отсто хибридни или потполно електрични модели, Mercedes постави поинакви приоритети за нивно претставување. Така, место најавуваниот голем EQS SUV со трикрака ѕвезда, тој во Минхен осамна како Maybach. Согласно тоа, изобилува со луксуз на ниво кое големата маска недвојбено го истакнува. Двобојниот екстериер, хромираните детали и огромните 24-инчни тркала исто така. Ентериерот е исполнет со најквалитетни материјали и најнова техника во која ќе можат да уживаат само четири патници, бидејќи задните седишта се единечни. Меѓу нив се протега централна конзола со командите за инфо-забавниот систем, чаши за шампањско па дури и вазна за цвеќе.

Исто како и лимузината, и овој теренец е поставен на модуларната електрична архитектура која треба да му обезбеди автономија од околу 600 километри. Но, освен дека ќе на оние кои ќе можат да го платат ќе им биде на располагање од 2023 година, Мерцедес не беше многу расположен уште сега да сподели и други детали за него. Затоа, ако треба со неколку збора накратко да се опише овој концепт, тогаш за него ќе кажеме дека одава прецизен впечаток за тоа како долгогодишната традиција на врвен автомобилски луксуз може да се пренесе во новата електрична ера.