Mazda со две Red Dot награди
Mazda доби убав роденденски подарок по повод стогодишнината од своето постоење
Објавено на 1 април 2020 година
Моделите CX-30 и MX-30 на Mazda се закитија со престижната Red Dot награда за дизајн на производи. Заслугата за тоа ја има веќе прочуениот Kodo – Soul of Motion дизајн, кој Mazda го негува од 2013 година. CX-30 е втор кросовер на Mazda обликуван според оваа стилска филозофија чии корени се пронајдени во традиционалната јапонска естетика. Еволуцијата на чистите потези му даде привлечен изглед на кој доследно секој елемент е скроен според принципот „помалку е повеќе”. Стилот на MX-30 пак оди чекор понатаму и навлегува во истражување на модерните трендови. Рачното обликување на првичните облини на макетите е задржано со цел дизајнерите покреативно да се посветат на футуристичките вредности на новиот стил на живеење. Овој пристап резултираше со воздржана оригиналност која динамички го издвојува MX-30 од останатите модели втемелени на Kodo дизајнот. Тоа беше потребно за да се истакне неговата алтернативна природа како прв модел на Mazda кој доаѓа со електричен погон. Батериите од 35,5 киловат-часа му овозможуваат автономија од околу 200 километри, а вратите кои се отвораат една спроти друга го поврзуваат со наследството што го остави RX-8. Во продажба ќе се најде во втората половина од годинава по цена од 33.500 евра во Германија, без вклучени субвенции. За разлика од CX-30 кој за Европа доаѓа од фабриката на Mazda во Мексико, ќе се произведува во Хирошима.
Red Dot наградите се доделуваат од 1955-тата. Годинава тие беа поделени во 48 категории, вклучувајќи ги автомобилите и мотоциклите. Заедно со сегашните две, Mazda досега има добиено вкупно девет вакви признанија.