Maserati MC20 во чест на Сер Стирлинг Мос
Италијанците решија да одадат почест на неодамна починатата британска автомобилска легенда
Објавено на 15 мај 2020 година
Кој е Сер Стирлинг Мос не треба да се објаснува. А како легендарниот британски автомобилист на почетоците на својата кариера беше дел од тимот на Maserati, јасно е зошто Италијанците решија да му одадат почест и еден од прототипите на идниот MC20 да го наречат по него. Иако тоа на фотографиите не се гледа, автомобилот е дизајниран според тркачкиот Eldorado од крајот на педесеттите, кој дебитираше токму со Мос зад управувачот. Целта на марката е со овој чекор да се нагласи спортската вокација на MC20, со цел да се отвори пат за враќање на Maserati на тркачките патеки. Ќе биде првиот автомобил на куќата што ќе го има новоконструираниот 3,6 литарски твин-турбо V6 мотор со повеќе од 600 коњски сили и осумстепен менувач со двојна спојка. Засега не се знае дали ќе има погон само на задните или на сите четири тркала, но се знае дека после бензинската ќе следат хибридна и електрична варијанта. Премиерата му беше најавена за овој месец, но заради пандемијата мораше да биде поместена за септември.



