Lynk & Co – 01

Занимливости насловна Новитети

Се појави уште еден кинески бренд

За разлика од останатите кинески марки, Lynk & Co треба добро да ја запознаеме!

објавено 13 октомври 2020

Наречена Lynk & Co и создадена со цел освојување на европскиот и американскиот пазар, од другите ја одвојуваат повеќе нешта. Најважното е што родители и се Geely и Volvo. И навистина, разликата се забележува на прв поглед. Кросовер обликот кокетира меѓу необичното и класичното, со изразена доза персоналитет. Предниот скоро вертикален дел вдомува три пара светла и широко развлечена маска. Силуетата не предизвикува многу возбуда, а задниот дел е избразден со остри линии и футуристички дизајнерски детали. Целината е разбиена со неколку стилски елементи, кои повеќе влечат кон кинеското отколку шведското. Затоа пак под кожата голем дел од работите се шведски. Платформата му е истата онаа од идниот XC40, а и целокупниот инженеринг е направен во Volvo. Во оваа компактна фаза не се споменуваат моторни опции, но ние би типувале на новите 1,5 и познатите дволитарски дизел и бензински агрегати. Хибридна варијанта секако е можна и посакувана, исто како и погонот на сите тркала. Она што е најинтересно за овој кинески кросовер е дека е замислен да биде целосно мрежен автомобил. На пример, сите произведени примероци цело време ќе бидат поврзани на интернет и ќе можат он-лајн да добиваат разни софтверски надградби. Посебно се истакнува и можноста за заедничко користење на возилото со други луѓе, со помош на апликација за мобилен телефон и дигитално креиран клуч. Неговите креатори се надеваат дека овие способности ќе направат вистинска револуција во концептот за заедничка употреба на автомобилите. Lynk & Co 01 ќе се произведува во Кина, почнувајќи од 2018 година. После него гамата на марката ќе биде проширена со уште два модела. Кинезите подготвуваат и авангарден систем на продажба без дилерства. Нарачките ќе се вршат преку интернет, со физичко примопредавање на возилото во посебни центри за тоа. За сервисирањето пак, на почетокот ќе биде задолжена овластената мрежа на Volvo.