Премиера после три години
Во мноштвото самонаречена конкуренција на Tesla, само една компанија вистински се издвојува
Со својот плански и воздржан развој, Lucid досега покажа дека знае и умее како да се справи со сите предизвици. Затоа и иако нема таква популарност во јавноста, вестите за него се следат со внимание. Најновата пристигна од Лос Анџелес каде три години после најавувањето конечно беше прикажан вториот модел на марката. Ако седанот Air имаше за задача да го предизвика Model S, кросоверот со ознака Gravity со својата позиционираност и големина ќе атакува на Model X. Се карактеризира со очигледно внимание посветено на деталите и доста престижна завршна обработка, заради што и неговата цена која се очекува да не надмине 80.000 долари се смета за поволна.
Што купувачите ќе добијат за тие пари докрај не е познато, бидејќи техничките спецификации не се целосно обелоденети. Најавена е употреба на нова генерација електромотори, покомпактни и полесни, со преку 800 коњски сили. Електричниот систем во нешто изменет облик е позајмен од Air и работејќи на 900 волти ќе овозможи батериите со струја од 350 киловати за 15-тина минути да се дополнат за поминување 320 километри. Не е познат ни нивниот капацитет, но се наведува дека автономијата на возилото ќе изнесува повеќе од 700 километри. Lucid Gravity треба за околу 3,5 секунди да долета до стотина километри на час, а покрај носивоста од 680 килограми ќе може да влече приколка од 2,7 тони.
Дизајнот му е смирен, во истиот стил како што е и седанот, со флуидни линии, скриени рачки на вратите и контрастни детали како што се столбовите и лентите над светлата. Меѓутоа, главните предности и особености на возилото се скриени од првите погледи и се наоѓаат во кабината. Понудата на простор во ентериерот со седум седишта делува ветувачки, а ако се преклопат двата задни реда се добива багажник чија зафатнина се искачува скоро до 3,22 кубни метри. Средната клупа е опремена со надолжно подесување на позицијата а достапна е и засебна контрола на климатизацијата. Пред возачот е закривен 34-инчен ОЛЕД екран, а на централната конзола уште еден под кој се сместени копчиња чувствителни на допир за често користените команди. За врвен комфор се задолжени управувањето на задната оска и воздушното ослонување со автоматска или рачна регулација на височината.
Овој кросовер чии испораки ќе започнат при крајот на идната година ќе излегува од фабриката на Lucid во Аризона која е прва во Америка наменски изградена за производство на електрични возила.