Land Rover Defender 110 – No money no funny

Возевме Македонија Тест

Кралот е мртов – да живее кралот!

По многу децении ова е првиот вистински нов Land Rover Defender и многу е возбудлив!

Крумислав Барзов
објавено на 17.07.2020

Колку да звучи чудно и нестварно јас овој текст го преживував цели 10 дена. Дури и кога седнав да го пишувам се уште бев под силно влијание од старите и новите впечатоци. Со легендарниот Defender имам поминато многу километри а тежината на пречките што сум ги надминал се епски. Сега треба да пренесам впечатоци од неговиот наследник кој, после долго размислување, не треба да се споредува со легендата. Оваа парадигма колку и да е тешка за мене таа е реална и поставувањето на нештата на сосема нова основа е единствената прифатлива солуција. Сепак, морам да почнам од самиот почеток. Land Rover Defender е еден од неколкуте модели во светот на четирите тркала кои се сметаат за икони. Кога такво возило повторно се “измислува” неизбежно е да дојде до судир на мислења и емоции. Дали новитетот е доволно добар да ја наследи иконата, дали има такви карактеристики, за кого е наменет, дали е добар како и оригиналниот..?

Единствениот праведен одговор е дека нема поента да се споредуваат! Новиот Defender е наменет за различен тип на купувачи со поинакви потреби. Стариот беше коњ за работа, новиот има гени за тешка работа но дотеран е за парада. Стајлингот е токму онаков каков што се чекуваше да го има модерниот Defender. Масивна појава со големи димензии, коцкеста контура и силни детали кои не само што ги разбиваат големите површини туку даваат естетски смисол на целината. Името е гордо испишано на хаубата, исто како кај претходникот, а од него се превземени формите на страничните стакла, интересните покривни прозорчиња над задната клупа, класично за теренски возила сместено резервното тркало на вратата од багажникот… Светлосните групи прават да се нагласи теренскиот, но и функционалниот карактер на возилото.

Бранителот е робусен и прилично уникатен. Се уште има рачка со која се олеснува влегувањето во високата кабина но позиционирана е хоризонтално пред совозачот а за ”пентарење” на возачот оставен му е воланот. Неговата форма и биколорност го дефинираат теренскиот и шминкерскиот карактер на новиот Defender. Всушност, распоредот на ентериерот е мешавина од корисен и премиум пристап со точно таква употреба на материјалите, а токму тоа прави мали сомнежи кога ќе се види цената која се уште стои во сеќавањето од стариот добар Defender. Но за тоа потоа. Ако сакате мекост обидете се со Discovery. Лично, навистина ми се допаѓа формата и функционалноста на воланот, додека другите карактеристики како што се дигиталниот инструмент дисплеј и екранот на допир со инфозабавен екран на допир се лесни за читање и му даваат одлична употребна вредност на возилото. Згора на се одличниот Мeridien музички систем прави атмосферата во кабината да биде на високо ниво. Cе вклопува и одлично смислениот простор исполнет со удобни седишта, додека на третиот ред седишта кои се наоѓаат во подот на багажникот може да седнат патници со помал раст.

Внатрешниот простор на задниот дел е прилично дарежлив, со многу простор за нозете и телата воопшто, додека големите застаклени површини допринесуваат за севкупниот позитивен впечаток. Изобилуваат USB приклучоци за полнење (шест само во вториот ред) и ќе ги израдува сите патници. Вратата за багаж која странично се отвора не е тешка, дури и кога го носи резервното тркало. ”Дефанзивецот” може да повлече приколка од 750 килограми без и до 3.500 килограми со сопирачки. Друга корисна карактеристика е можноста за подигање и спуштање на задниот дел од возилото што го олеснува пристапот до багажниот простор.

Високата возачка позиција и доминантната појава на патот е нешто што потрошувачите го наведуваат како причина за купување теренски возила, а овие работи се добиваат во максимална големина со Defender. Впрочем на исто ниво е со Range Rover. Секој што скока од стар на нов Дефанзивец е во голем шок. Ова е едно рафинирано возило со оглед на тоа за што е правено. Има дволитарски турбо-дизел мотор со две турбини кои испорачуваат 240 КС и вртежен момент од 430Nm, што е веројатно поважната бројка овде. Во текот на скоро 600 километри возење опфаќајќи и вон асфалт, просекот на  потрошувачката од 10,1 литар е сосема прифатлив. Звукот што го произведува моторот продира во кабината но е порафиниран од претходната генерација дизели наречена Ingenium. Комбинацијата на силата со осум степениот менувач овозможува комфорно крстосување на асфалтот дури и при поголеми брзини без да се оптеретува моторот. Благодарение на пневматското потпирање возачот профитира во повеќе наврати. Кога ќе се спомене воздушна амортизација тогаш се очекува таа да биде мека. Тука не е случај, дури се чувствува извесна тврдост особено на нашите нерамни патишта. Во ниту еден случај не може да се спореди со тврдоста на стариот Defender. Погодноста е во тоа што во кој и дефиниран модус на возење да биде, од кои директно зависи растојанието од тлото и висината на кабината, на брзина поголема од 80 км/ч таа се спушта на ниво дефинирано за асфалт. Од тоа профитира не само удобноста туку и безбедноста. Не смее да се заборави дека Defender е теренец со високо тежиште и издигнат е бајаги од тлото. Затоа правилното растојание од подлогата е од круцијално значење. Дури и при помали брзини во гратски услови на возење, особено ако влезете со нешто поголема брзина од нормалната во кружен тек, лесно се чувствува наклонувањето на каросеријата. Истиот впечаток се добива кога се форсира на пат со свиоци. При поголеми брзини забележителен е звукот на ветерот, особено од големите ретровизори, но ништо не е над границата на очекуваното.

За разлика од својот претходник, кој имаше волан со толку многу ”луфта” што делуваше дека имитирате стил на возење од црно-белите филмови, управувачот на новиот Defender има доволно тежина и прецизност за да ве потсети дека ова не е градски автомобил, но сигурно е еден од најпрецизните што го имаат префиксот на теренец. Исто  така, тој не е најголем во светот на офроудерите но доволно е голем сите останати возила, особено оние што ви доаѓаат од спротивен смер, да ја држат надворешната ивица од својата лента, особено вон магистрала. Задната видливост е ограничена, како резултат на трите потпирачи за глава на задната клупа и резервното тркало на задниот дел.

Затоа камерите се многу добри, а паркирањето не е проблем и може по желба да вклучите камерата со заден поглед ”ClearSight” која што прикажува непречен поглед на ретровизорот. Многумина купувачи на Defender, логично, би сакале да возат надвор од асфалтот. Јас тоа го направив на неколку наврати доаѓајки до неколку живописни места на Галичица и Преспа. Неговото суверено држење само потврдува дека е наследник на легенда која е способен да ја продолжи да ја надоградува. Рака на срце тоа не беше тежок терен исполнет со предизвици, но се чувствува дека таквиот терен е далеку под можностите на Defender.  Забележително кратките преден и заден дел овозможуваат одлични агли на качување (38 степени) и симињање (40степени) на терен. Реално, чисто се сомневам дека теренските способности ќе ги тестираат сопствениците на новиот Defender, но малкумината што ќе го направат тоа сигурен сум дека ќе бидат импресионирани.

Новиот Defender без сомнение е едно од најкомплетните возила направени од Land Rover. Доволно е рафиниран да поминете илјадници часови на асфалт и илјадници километри на терен без да почувствувате умор. Со него подеднакво правилно ќе биде да се појавите на паркинг пред опера во смокинг и пеперутка вратоврска или пак по бермуди на плажа. Со него подеднакво лесно ќе ви биде да возите по автопат или да ја скратите маршрутата преку беспаќа за да уживате во природата. Сепак доаѓаме до моментот кого го најавив на почетокот а свесно го избегнував во целата должина на пишувањето.

Новиот Land Rover Defender, барем во тестираната верзија која беше богато опремена, но сепак и недостасуваа неколку ситници за да се комплетира технолошката слика, чини 103.000 евра. Почетната цена е 73.000 евра или скоро два пати повеќе од легендарниот (оригиналниот) Defender кога замина во пензија пред 4-5 години. Веќе реков дека новиот Бранител треба да се гледа од сосема поинаков агол и дека сакале или не, мора да сватиме дека денешните купувачи бараат нешто поинакво.

За кратко време ќе дојде покусата верзија Defender 90 која ќе биде и поевтина но сосема доволна да ја превземе улогата на работен коњ погодна за компаниите кои се занимаваат со пренос на струја или сигнал, полицијата, војската итн. Сигурно дека ќе има адекватна изведба на каросеријата со пет врати. Но пораката која ни доаѓа од таборот на Land Rover е јасна. No money no funny!