Вест каква не очекувавме дека ќе напишеме
Италијанскиот супермини доби хибриден погон!
Објавено на 11 март 2020 година
Откако Fiat ја остави Lancia да постои само на домашниот италијански пазар, мислевме дека за оваа славна марка ќе напишеме само уште една вест – дека заминува во историјата. Но на радост и целосно изненадување на сите нејзини љубители, не испадна така – единствениот модел во понудата на марката, стар 10 години, доби хибриден погон. Додуша благ хибрид, но и тоа е голема новост. За тоа се заслужи свежо претставените Fiat 500 и Panda Hybrid од каде технологијата води потекло. Тоа значи 1,0 литарски трицилиндричен Firefly мотор со 70 KS и 92 Nm и 12-волтен хибриден систем. Предноста е што во споредба со стандардниот модел Ypsilon 1.2, оваа нова верзија има помала потрошувачка и во просек за 20 отсто почисти издувни гасови. До 100 km/h забрзува за 14,2 секунди, постигнува максимални 163 km/h и чини 10.900 евра.
Лани Lancia (како што споменавме само во Италија и со еден единствен модел) продаде 58.820 возила, а Alfa Romeo во цела Европа 53.488.