Нов електричен модел на Hyundai
Со многу општи фрази и скоро без никакви детали, Hyundai најави нов електричен модел за Европа. Како концепт наречен Three сугерирајќи дека на пазарот ќе биде лансиран како Ioniq 3, тој е хечбек со пет врати и димензии кои го сместуваат во Ц-класата. Индиректно се најавува дека ќе се произведува во Европа како и дека серискиот модел верно ќе ги наследи пропорциите и облините на концептот.
За каросеријата може да кажеме дека е прикриено елегантна со нагласени агресивни детали и аеродинамично обликуван заден дел. Таа дизајнерска филозофија впрочем е применета и кај другите електрични модели, пред сé Ioniq 6. Предните светла се тенки, хаубата заоблена а силуетата масивно истакната во задниот дел. Внатрешноста пак е премногу радикална за да се пресели кај серискиот модел кој треба да го очекуваме идната година.












