Едноставно предвидување на иднината
Навистина не треба да се имаат паранормални способности за да се предвиди идниот пат по кој Honda ќе чекори
Објавено на 11 септември 2019 година
Како прототип кој беше верна инспирација за серискиот модел, Honda e ни е позната веќе некое време. Уште при првата средба со неа јавноста доста позитивно реагираше на електричниот автомобил кој ќе ја освојува Европа, од што подоцна се изроди сериозна основа на која се темелеа нејзините вистински вредности – едноставниот и трендовски некомпромитиран дизајн, заедно со минималистички уредената кабина и напредната погонска група. Јапонците го препознаа моментот и на Honda e ѝ подарија неколку напредни решенија кои светот сé уште ги нема прифатено – како камерите наместо ретровизори. Сега во Франкфурт кога ја гледаме дефинитивната изведба на малиот градски електромобил, дознаваме дека ќе чини помалку од 30 илјади евра и дека за неа желба за нарачка веќе имаат доставено 40.000 купувачи. Тука треба да споменеме дека првичните предвидувања на Honda беа пласман на 5.000 примероци годишно, кои ќе се произведуваат во Јапонија. Официјалната продажба на избрани пазари ќе започне овој месец, а првите испораки се предвидени за летото господово 2020-то.
Основната верзија на Honda e ќе доаѓа со електромотор од 136 коњски сили, а е планиран и негов дериват со 154 коњи. И во двата случаи батерискиот пакет од само 35,5 kWh треба да овозможи автономија од 220 километри. После нејзиното лансирање, во план е и купе во истиот стил.