Ford Ranger 2023 (фото, видео)

Видео насловна Новитети

Американски дизајн, европска софистицираност, светска издржливост

објавено на 25 ноември 2021

Ford ја претстави новата генерација на пикапот Ranger, за која вели дека на купувачите ќе им пружи дополнителна доза удобност, напредни технологии и подобрени теренски способности. За таа цел направени се повеќе од 5.000 разговори со сопствениците на Ranger за да се дознае на што најмногу треба да обрне внимание. А тие според Ford побарале порадикални дизајнерски решенија што очигледно е испочитувано. Агресивната маска, дрскиот поглед и набилданата каросерија ќе обезбедат препознатливост налик на поголемиот F-150, кој со децении е најпродавано возило од сите категории во САД.

Подобрените теренски способности треба да ги овозможат поголемото меѓуоскино растојание за 50 милиметри и за исто толку зголемената широчина. Од тоа профитираше и патничката кабина, во која со дигитализација на кокпитот е постигнат огромен напредок. На средина е SYNC4 системот со 10 или 12-инчен екран, кој и покрај изобилството простор сепак делува гломазно. Се забележуваат поквалитетните материјали и софистицираната обработка, што очигледно било барање на европските купувачи на овој модел. Спецификациите за моторизацијата не се објавени, но најавено е дека Ranger ќе доаѓа со неколку дизел агрегати – покрај дволитарскиот со повеќе нивоа на моќност и со трилитарски V6. Купувачите ќе можат да бираат меѓу два система за погон на сите тркала, а силата ќе се пренесува преку 6-степен мануелен и 10-степен автоматски менувач.

Продажбата на новиот Ranger во Европа ќе започне во 2023 година, а ќе се произведува во Тајланд и Јужна Африка.