Нов живот за старото име
Со помош на електриката и Volkswagen, Capri повторно ќе живее – Ford одлучи купе-кросоверот базиран на европскиот Explorer да го носи легендарно име. Во духот на времето и трендовите претставува впечатлива промена во однос на купето од пред половина век иако дизајнерите тврдат дека пренеле некои од неговите стилски карактеристики. Тешко забележливи, тие сепак придонесуваат новиот Capri да биде привлечен.
Иако е купеа дериват на Explorer, линија на покривот е скоро рамна правејќи барем отстрана гледано повеќе да изгледа како подигната лимузина. Предниот чудно заоблен дел со подигнатите светла му дава уникатен изглед кој уште долго ќе се коментира. Благо испапчените крила и задниот дел треба да го доловат спортскиот карактер на претходникот во што тешко ќе успеат. Затоа пак, покрај стандардните од 19 инчи, Ford ќе го продава електричниот SUV и со тркала од 20 и 21 инч.
Кабината главно е како и кај конвенционалниот Explorer со позајмен вертикално свртен екран од 14,6 инчи кој се поместува горе-доле откривајќи тајна преграда за ситници. Со должина од 4.633 mm, широчина 1.872, височина 1.626 и меѓуоскино растојание од 2.769 mm, пропорциите на новиот Capri скоро се поклопуваат со ID.5 што не треба да биде изненадување. Подолг е од Explorer за 16,5 сантиметри од што најголема придобивка има багажникот од 570 литри, кој со преклопување на задните седишта пораснува на 1.510 литри.
Кај механиката сé е очекувано и нема изненадувања. Основната верзија ќе има погон на задните тркала со електромотор од 286 коњски сили доволни за спринт од 0 до 100 km/h за 6,4 секунди и ограничена максимална брзина од 180 km/h. Батериите од 77 kWh кои содржат доволно енергија за 627 km според WLTP, на 135 kW се полнат до 80 проценти за 28 минути. Варијантата со два електромотора која на сите тркала испорачува 340 KS освен што е подинамична со своето забрзување до 100 km/h од 5,3 секунди, има малку поголеми и побрзи батерии од 79 kWh кои на 185 kW се полнат 26 минути и овозможуваат поминување 592 km.
Исто како и Explorer, и наново заживеаниот Capri ќе се произведува во Келн во Германија. Цените таму стартуваат од 51.950 евра, што е 2.450 повеќе евра од Explorer.