Ford во Европа без Bronco и Baby Bronco
Објавено на 26 јули 2019 година
Иако Ford ја преструктуира својата SUV понуда во Европа, во неа сепак нема да ги има најавените идни продажни хитови Bronco и неговата помала верзија која се нарекува Baby Bronco – барем не оваа и наредната година. Ваква вест пристигна инкогнито од еден состанок на кој беа презентирани резултатите од работењето во вториот квартал и прогнозите за најблиска иднина, меѓу кои и гамата модели и регионите во кои тие ќе се нудат. Како што се гледа од слајдот, иако американскиот производител на Европјаните им има ветено „пристојна” гама SUV модели место моноволуменците чија продажба паѓа, меѓу нив ги нема наведените два. Новиот Bronco чија премиера се очекува со нетрпение, како директен конкурент на Jeep Wrangler ќе пристигне на пазарите на Северна Америка, Африка и Блискиот Исток. Ќе се одликува со ретро дизајн и врати и кров кои ќе можат да се отстранат. Помалиот Baby Bronco пак, кој официјално се опишува како мало наменско off-road возило, ќе се продава само во Северна и Јужна Америка. Дали овие два очигледно интересни SUV модела ќе стигнат во Европа после 2020 година, не е познато.