Fiat 500e » Трет препород

Top News Новитети Поглед во иднината

Трет препород

Овојпат како целосно електричен модел, вечно популарниот Fiat 500 го доживеа својот трет препород

Објавено на 4 март 2020 година

Италијанците конечно зачекорија во електрификацијата и тоа го направија на вистинскиот начин – со сосема новиот Fiat 500e. Вечно популарниот градски модел во ова свое препородено издание ќе се движи само на струја – нема повеќе да има ниту бензински ниту дизел мотори. Располага со 118 коњски сили и литиум-јонски батерии од 42 kWh, кои ќе му обезбедат автономија од 320 километри. Погледот на бројките го привлекуваат максималната брзина од 150 километри на час и забрзувањето до 100 километри на час за 9 секунди. Поставен е на нова платформа, подолга и поширока. Визуелно го следи времето во кое живееме, задржувајќи ја препознатливоста на линиите на оригиналниот Fiat 500. ЛЕД светлата му се доста интересно решени, а се забележува и отсуството на логото на марката – место него напред стои натписот 500, а назад Fiat. Модерен е и погледот во внатрешноста во која повторно владее духот на минатото.

На возачот на располагање му стојат 3 начини на возење. Првиот е нормален, онаков каков го познаваме. Во вториот може да се вози со една педала, а третиот е штедлив и се користи кога батериите се при крај. Ќе почекаме малку за сите детали за овој модел, меѓу кои и цената – засега е позната само онаа на иницијалната La Prima серија ограничена на 500 примероци, кои веќе можат да се нарачаат по 37.900 евра. Fiat 500e ќе се нуди и во кабриолет верзија.

клучни зборови: ,