Во Македонија добивме дилерство кое нуди исклучиво електрични возила и има амбициозни планови
eАуто е нова компанија посветена на популаризирањето и ширењето на културата на електрични возила. Ова е прилично храбар чекор со оглед на инфраструктурата и мрежата на полначи во Македонија.
Сепак, ентузијазмот и посветеноста кон популаризирањето на овие возила е посилна. Сместена на спортскиот аеродром Стенковец, eАуто започнува со асортиманот на возилата Tesla чија вкупна гама достапна на европскиот пазар е изложена. Цените се во согласност на политиката на Tesla, па Model 3 чини 55.000 евра додека најпродаваното возило во Европа за минатата година, Model Y, е за нијанска поевтино.
Се планира проширување на асортиманот, но за тоа потоа. За жал македонската легислатива за увоз на возила симболично и декларативно ги стимулира електричните возила што не е доволно доколку сакаме нашиот возен парк да биде модернизиран. Вообичаена пракса во повеќето држави на ЕУ е купувачите на овие возила да добиваат субвенции што кај нас не е случај. Дури и земјите во нашето опкружување како Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, иако немаат субвенции, имаат ослободување од царина и данок при увоз на БЕВ, па затоа оваквите возила се поевтини на тамошните пазари.
Компанијата еАуто не се базира само на увоз и продажба на БЕВ. Стратегијата за нивниот развој опфаќа и поставување на брзи полначи со капацитет од 150 кило Ват часови во следните 12 месеци. Првично ќе се покријат главните коридори низ државата, каде се и најпотребни. Веќе од идниот месец во понуда ќе бидат и најсофистицирани ѕидни полначи погодни за инсталирање во домаќинства и компании.