Цврста куќа на цврсти темели се гради
Слој по слој, Mercedes ја открива новата A-Class која официјално ќе биде претставена за некој ден
Објавено на 30 јануари 2018 година
Се појави пред две децении како надежен модел но заврши како експеримент кој тргна наопаку. Сепак Mercedes имаше големи планови со A-Class и не се откажа од нив. Напротив – ги ревидираше и насочи кон посигурни води, низ чие пловење на третата генерација на овој компакт му се придружија и други следбеници. Заедничко на сите им е платформата со погон на предните тркала која за марката од Штутгарт беше револуционерен потег. Таа и понатаму останува, унапредена со повеќе можности кои допрва ќе ги дознаеме. Истото се однесува и за моторите, меѓу кои со сигурност ќе се најде и сосема новиот 1,3 литарски агрегат заеднички развиен со францускиот партнер. Во новата А класа ќе има и хибридни погонски групи, а AMG верзијата ќе стреми да се искачи над 400 KS.
Што се однесува до дизајнот, тој тешко дека може да се насети од објавената фотографија – деталите што се гледаат кажуваат само дека ќе биде во духот на времето. Малку повеќе се знае за внатрешноста, која како напредно технолошко решение беше покажана на салонот за потрошувачка електроника во Лас Вегас. Двојниот дисплеј ќе замени сé во неа, а командувањето на функциите со глас ќе биде поткрепено со можноста за учење. Не на возачот туку на возилото но сигурно и тој ќе мора да научи нешто, колку да може да се заблагодари на вештачката интелигенција.
видео