Плаг-ин за еколошко возење
Врвот на својата понуда Citroen го резервираше за хибридниот C5 Aircross кој располага со 225 KS и може да помине 50 електрични километри
Објавено на 8 ноември 2019 година
После Peugeot 508 и 3008 сега и Citroen одлучи да претстави плаг-ин хибриден модел. Како што доликува избран е предводникот на гамата, моделот C5 Aircross. Зачетник е на новата стратегија на француската марка чија цел е до 2025 година да се воведат електрифицирани изведби низ целата понуда. Дел ќе бидат потполно електрични а дел хибриди, каков што е и овој кросовер. За него е искористена познатата погонска група која комбинира 1,6 литарски PureTech бензинец и електромотор со заеднички 225 коњи. Со посредство на осумстепената автоматика тие ќе ги задвижуваат само предните тркала. Батеријата е сместена под задната клупа и овозможува поминување на електрични 50 километри. На домашна мрежа ќе се полни 7 часа а на брз полнач помалку од два. За неа Citroen вели дека после осум години или 160.000 километри ќе има најмалку 70% од капацитетот. За поефикасно возење ќе се грижи посебен режим кој на возачот му овозможува да бира колкав процент од нејзината струја да се искористи. Покрај напредниот погон, главниот адут на овој кросовер е добро позната француска удобност обезбедена со ослонувањето со прогресивни хидраулични граничници и Advanced Comfort седиштата.
Првите испораки на хибридниот C5 Aircross се очекуваат на средината на идната година, по цена од 40 илјади евра во Франција.
Видео