Буквата V кај Cadillac е исто како и M за BMW или пак AMG ознаката за Mercedes
Спортското V-семејство на Cadillac е побогато за уште еден член – најмалиот електричен кросовер во понудата Optiq. Со своите 519 грла драстично посилен од стандардниот модел кој располага со 300 коњи, способен е да забрза до 96 километри на час за само 3,5 секунди. За да го стори тоа возачот треба да го избере посебниот режим на работа кој ги отклучува сите потенцијали на двата електромотори кои своите 880 њутн-метри ги пренесуваат на сите тркала. Со нормално возење батериите ќе му траат околу 440 километри – после тоа треба да помине десет минути на полнач за да се освежат со струја за уште 110 километри. И тоа на мрежата на Tesla што го прави прв модел на General Motors со ваква можност.
Што се однесува до возењето и опремата во целост ја оправдува ознаката V што ја има, а со тоа и повисоката цена од 69 илјади долари без локалните такси и дилерската маржа. Има моќни Brembo сопирачки, попрецизно управување и наново подесено ослонување, а дизајнерските зафати на него се сведени на истакнување на очигледното. Иако не е потврдено овој модел веројатно ќе биде понуден и во Европа.




