BYD влегува во Европа
Норвешка ќе биде првата европска земја во која продажбата на електричниот Tang EV600 ќе започне уште годинава
Објавено на 5 мај 2020 година
Најголемиот кинески и после Tesla втор по големина светски производител на електрични возила BYD ги објави своите планови за настап на европскиот пазар. Како порта низ која ќе го освојува Стариот Континент, нормално, е избрана Норвешка, каде во последните 12 месеци 57,8 отсто од новорегистрираните автомобили се електрични. Стартот ќе биде со кросоверот Tang EV600, кој во продажба ќе се најде до крајот на годинава. Дотогаш ќе бидат познати цената и неговите европски спецификации, од кои засега се знае само автономијата која изнесува 520 километри и дека во топ-верзијата ќе има перманентен погон на сите тркала. Кинеската верзија е опремена со пакет батерии од 82,8 kWh кои напојуваат еден или два електромотора од по 245 KS, во зависност од тоа дали има погон на предните или сите тркала. Таму се продаваат и бензинска и плаг-ин хибридна верзија, кои нема да се нудат во Европа.
Лансирањето на овој модел е прв чекор од долгорочната стратегија на компанијата во Европа веќе присутна со електрични автобуси кои од 2017-тата ги произведува во Унгарија. Планот предвидува лансирање на доставно возило и два камиона од 7,5 и 19 тони.



