10 илјади долари за „најбрзиот” електромобил
Ако не вистински, барем според името
објавено на 20 мај 2019 година
Најбрзиот човек во светот Јусеин Болт лансираше серија електрични возила што го носат неговото име. Можеби не се најбрзи, но лесно можат да се оквалификуваат како такви, ако не друго во чест на некогашниот најдобар атлетичар во светот. Возилото што го носи името на Јамајчанецот и случајно на еден актуелен модел на Chevrolet исто така е електрично. Целосната ознака му е Bolt Nano и е наменето за возење во урбаните средини, на кратки релации. Доста личи на Renault Twizy и може да превезе две лица кои седат еден зад друг. Техничките детали не се целосно соопштени, но се наведува дека ова возило е идеално за кратки градски дистанци и заради можноста за паркирање – на едно стандардно паркинг место ќе можат да се стиснат дури 4 вакви возила. Заради тоа се споменува и car-sharing системот во кој идеално се вклопува, посебно со цената која е замислена да изнесува 9.999 долари.
Инаку, Јусеин Болт под закрила на своето име досега има претставено три електрични тротинети – Bolt Original, One и Chariot.