BMW i Vision Circular

Видео насловна Новитети

Затворање на еко-кругот

Употребата на рециклирани материјали во автомобилската индустрија не е ништо ново, но BMW отиде неколку чекора подалеку

Објавено на 7 септември 2021 година

Заложувајќи се за намалување на емисиите на стакленички гасови, BMW при изработката на концептот i Vision Circular си постави цел тој да може целосно да се рециклира, вклучително и батериите. За тоа е применета сосема нова филозофија при неговото проектирање, која ги вклучува можностите за повторна употреба на материјалите од кои е направен. Колку длабоко размислувале инженерите на BMW покажува каросеријата која е направена од анодизиран алуминиум со што е добиена светло-златна боја. Бидејќи на овој начин тој се заштитува и од надворешните влијанија, не е потребна употреба на класични бои и заштитни средства.

Ако i Vision Circular го гледаме како нормален автомобил, ќе забележиме дека има облик на повишен хечбек со дистинктивен преден дел со наново интерпретирани бубрези. Во нив се интегрирани ЛЕД светлата, а средишниот дел може да прикажува графика. Внатрешноста е премногу футуристичка за да ја коментираме, но една работа мора да се истакне – тоа е недостатокот на било какви екрани. Имено, дизајнерите на BMW замислиле место инструмент табла да се користи еден вид напреден head-up дисплеј кој сите информации потребни на возачот би ги проектирал на дното на ветробранското стакло.

Според раководството на BMW, намалувањето на отпадот во производството и повторното користење на материјалите ќе бидат клучни за имплементирањето на таканаречената кружна економија во чиј центар ќе биде екологијата. Во тој поглед значајна е способноста на електричниот систем на i Vision Circular да ја враќа неискористената струја назад  во мрежата. Во моментов BMW групата во своите возила користи во просек 30 отсто рециклирани материјали.