BMW 128ti – штедлив и експлозивен

Видео насловна Новитети

На ти со 128

По десет години пауза во редовите на баварците се враќа моделот ti

објавено 14 октомври 2020

Закажана за следниот месец промоцијата на 128ti ќе го врати овој атрактивен модел во фокусот на љубителите на компактните спринтери. Уште од шеесеттите години на минатиот век ознаката “ti” е извлечена од Turismo Internazionale, означува исклучиво спортски модели започнувајќи од иконскиот BMW 1800 TI и BMW 2002 TI па се до 323ti Compact и BMW 325ti Compact од доцните 1990-ти. Новитетот е наоружан со дволитрен бензински мотор ставен на двојна доза стероиди ќе испорачува 265 коњи преку осум степена Steptronic Sport трансмисија на предните тркала. Токму тука лежи зајакот, бидејќи тоа е една од главните разлики од знаменосецот на серијата 1, моделот M135i xDrive. Имено и тој го има истиот мотор засилен на 306 коњи и погон на сите тркала па канибализмот во сопствените редови е избегнат. Втората причина за мирољубивоста помеѓу двата модела е цената која за 128ti започнува од 41.500 евра во Германија што е во основа околу 14.000 евра помалку од M135i xDrive! Поради погонот на предната оска тежината е за 80 килограми намалена во однос на знаменосецат што овозможи приближни перформанси и динамички својства.

Со специјално дотераното потврдо потпирање каросеријата е пониска за 10 мм а вграден е диференцијал кој ги подобрува динамиката на возењето кога се ита низ свиоци и го зголемува задоволството во возењето. Телото го држат спортските седишта додека атмосферата ја подгрева доминантната црвена боја, опшивките и исписите на седиштата и наслонот на рацете потсетувајќи ве и кога не сте расположени за ”брмчење” дека сте во 128ti. Сето споменато може да се почуствува кога сте во кабината. На каросеријата воочливи се посебни остварувања кои го двојат од останатите модели на серијата, па дури и од најсилниот. Очите ги бодат во црвена боја изработените значки со исписот ti поставени пред задните тркала, во црно офарбаните ”бубрези” и ретровизори, црвените елементи на браниците и праговите како и 18 инчните тркла пресвлечени специјално за оваа прилика со Michelin Pilot Sport 4 спортски пневматици. Иако има би-турбо мотор со 265 КС 128ti не е голтач на бензин. Производителот најавува потрошувачка во комбинирани услови од 6,1 до 6,4 литри на 100 км. Дури и 50% од декларираното да кријат пак ќе биде прифатливо за овој вулкан.

.