Aston Martin DBX707 – најмоќниот и најбрз SUV (фото+видео)

Три моќни букви и три уште помоќни бројки

oбјавено на 3 февруари 2022 година

Во Aston Martin веруваат дека сто отсто од нивните купувачи сакаат електрични возила, но не се многу посветени на тоа. Нивните планови велат дека од 2026 година ќе имаат само хибридни и електрични модели во гамата, без прецизирање кога целосно ќе се префрлат на струјата. Затоа и не треба да чуди што во перформансната верзија на DBX електромоторите се користат само за отворање и затворање на прозорците и подесување на седиштата. Неговото срце за кое Британците велат дека е најмоќно во светот на спортско-корисните возила чука во класични четири такта, без никаков хибриден додаток.

При најавите се веруваше дека тоа ќе биде семејниот V12 агрегат од Vantage, но тој сепак е германскиот четирилитарски V8 од AMG. Испорачува точно 707 коњски сили, бројка која се најде и во ознаката на моделот. Добиени со преработена електроника и нови турбокомпресори, екстра 157-те коњски сили сега преку деветстепен менувач ќе го лансира до 100 километри на час за 3,3 секунди. Максималната брзина што ќе ја постигне е 310 километри на час, што освен најмоќен го прави и најбрз модел во својот сегмент. Останува прашање дали ќе може да го собори рекордот на Porsche Cayenne на Нирбургринг, но Британците веруваат дека можат и тоа да го сторат. Можеби и заради тоа DBX707 е опремен со заден диференцијал со електронско ограничување на пролизгувањето и посебен Race Start режим на работа наменет за силни забрзувања. Освен тоа ревидиран е  трикоморниот систем за воздушно ослонување со подобрена контрола на навалувањето на возилото во остри свиоци и при нагло сопирање. За тоа пак се задолжени карбон керамичките дискови од 420 милиметри напред и 390 назад, кои ги стегаат 6-клипни клешти. Скриени се зад стандардните 22-инчни тркала кои по желба можат да  бидат и од 23 инчи.

Визуелните разлики се сведени на подобрената аеродинамика која напред ги измени браникот и спојлерот, а назад дифузорот. Внатрешноста донесува очекувано ниво на луксуз со внимателно избрани најфини материјали и детали од карбон, бронзени мрежички и темен хром. Сериското производство ќе започне набргу а со цените ќе биде сместен меѓу Lamborghini Urus и Bentley Bentayga Speed.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER