Aston Martin DBX (со видео) » Секси кросовер од 158.000 фунти

Секси кросовер од 158.000 фунти

Aston Martin го покажа првиот SUV во својата 106-годишна историја, кој да имавме к’смет ќе се произведуваше кај нас во Македонија

Објавено на 27 ноември 2019 година

Дури и предолго време најавуван и очекуван, првиот кросовер на Aston Martin конечно е претставен. За него се зборува уште од 2015 година, кога на салонот во Женева беше покажан истоимениот концепт. Се зборуваше многу и тука, затоа што Македонија влезе во потесниот избор како локација за негово производство. Тоа сепак ќе беше преголем залак за нас, исто како што се покажа и дека е за Aston Martin. Британскиот производител сепак го соџвака за што досега му требаа четири ипол години, а ќе му требаат и уште неколку месеци додека тргнат првите испораки. Во меѓувреме од концептот остана само првобитниот впечаток дека се работи за возило со складни линии и витка силуета. Од спортско Gran Tourismo купе се трансформираше во типичен кросовер чии стилски детали од дизајнот воочливо го поврзуваат со останатите модели на Aston Martin. Светлата и маската непогрешливо се препознатливи, додека задниот дел е пресликан од моделот Vantage Coupe. Иста филозофија е применета и кај перформансите, кои се исклучително спортски. За нив е задолжен 550 коњски сили моќниот твин-турбо V8 бензинец од 4 литри со потекло од AMG. Тие што го слушнале велат дека дури и звукот е таков. Активниот издувен систем обезбедува овој луксузен кросовер да звучи рафинирано кога така ќе се посака, но и спортски возбудливо веќе наредниот момент. Тоа е како порачано кога DBX ќе се натера на забрзување, кое тој до 100 километри на час ќе го стори за 4,5 секунди. Преносот на силата е доверен на 9-степен автоматски менувач, кој преку активен централен и заден диференцијал со електронски ограничено пролизгување ги задвижува сите четири тркала. Адаптивното воздушно ослонување и сопирачките дискови од 410 милиметри напред и 390 назад ќе придонесат при максималните 291 километар на час патниците безбедно да се чувствуваат.

А за нив во кабината има повеќе место отколку што изгледа. Визуелниот впечаток може и поинаку да кажува, но Aston Martin DBX е долг повеќе од пет метри, широк два и има меѓуоскино растојание од преку три метри. Тоа е скоро колку и Bentley Bentayga, заради што цената од 158 илјади фунти не треба да изненадува. И опременоста е на тоа ниво, со сета најдобра технологија и најфини материјали кои воопшто можат да се вградат во еден автомобил. Дигиталната инструмент табла и големиот екран на инфо-забавниот систем со сите негови функции се подразбираат. За безбедноста ќе се грижи плејада активна и пасивна електроника, а за комфорот греењето на сите четири седишта, акустичните стакла и 11-те персонализирани опционални пакети. Сестраноста на Aston Martin DBX е комплетирана со функцијата за деактивирање на цилиндрите за подобра економичност. Декларираната потрошувачката на гориво сепак ќе прескокнеме да ви ја кажеме, затоа што за неа секако никој нема ни да праша.

За крај ќе споменеме дека овој британски кросовер има багажник од 632 литри, со можност за негово зголемување со спуштање на наслонот на задната клупа поделен во сооднос 40:20:40. Не е познато дали вреќата за скии е во сериската опрема. Тоа сами ќе го дознаат првите купувачи на кои ќе им биде испорачан во второто тромесечие од идната година.

Видео

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER