Apple претстави дигитален клуч за автомобилите
Отсега автомобилите ќе може да се отклучуваат со iPhone
Објавено на 23 јуни 2020 година
Новиот iOS 14 на Apple донесува значајна новост – ќе може да се користи како дигитален клуч за автомобилите. Оваа корисна функција која ја користи NFC технологијата ќе им овозможи на сопствениците на iPhone телефони и паметни часовници со нив да ги отклучуваат и стартуваат своите автомобили. Ракувањето е едноставно – отклучувањето ќе биде со приближување на телефонот со рачката на вратата на автомобилот, а кога тој ќе се внесе во него ќе може и да се стартува моторот. Во блиска иднина тоа ќе може да се стори и без да се вади телефонот од џеб. Овозможено е и сопственикот на возилото да даде пристап на најмногу пет други корисници. Тој ќе може и на секој поединечно да му ограничи некои функции на автомобилот, како силата на моторот, максималната брзина или јачината на аудио-системот. Доколку телефонот се испразни или изгаси, дигиталниот клуч ќе функционира уште пет часа.
Оваа технологија прв ќе започне да ја користи BMW кај широк број свои модели, и тоа веќе годинава. Услугата ќе биде понудена во 45 земји за сопствениците на новите iPhone телефони и Apple Watch Series 5 часовниците.


